АЛБАНИЈА НЕМА ДА ИЗДАВА ПАСОШИ НА АЛБАНЦИ ВО МАКЕДОНИЈА ПО ВЛЕЗОТ ВО ЕУ Рама отфрла бугарско сценарио и самоволие
Премиерот на Албанија порача дека неговата земја нема да отвора прашања што би можеле да ја нарушат европската хармонија. Тој повтори и дека Тирана нема да ја блокира Македонија на патот кон Европската Унија.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека Албанија по пристапувањето во Европската Унија нема да го следи примерот на Бугарија и нема да издава албански пасоши на етничките Албанци кои живеат во Македонија.
– Ние не сме земја која може да прави што сака и како сака кога станува збор за прашања кои се однесуваат на внатрешната хармонија на европското семејство – изјави Рама.
Тој посочи дека Бугарите го сториле тоа дури откако станале членка на ЕУ, „бидејќи нивниот пасош стана многу моќен“.
Рама претходно изјави и дека Албанија нема да ѝ стави вето врз Македонија доколку стане членка на ЕУ. Одговарајќи на прашање на студент од Скопје тој оцени дека тоа е механизам кој може да ја попречи интеграција и додаде дека долго време се залага за нов пристап на Унијата кон земјите кандидати, имено, кандидатите порано да бидат вклучени во процесот на европското одлучување.
Албанија наскоро треба да затвори три поглавја од пристапните преговори. На 14 јули во Брисел ќе се одржи 9. Меѓувладина конференција на Албанија и ЕУ.
Рама порача дека „Албанија не запира“.
АЛБАНИЈА НЕМА ДА Ѝ СТАВИ ВЕТО НА МАКЕДОНИЈА Рама упати јасна порака до Скопје