АХВ ДА ГИ КАЖЕ БРЕНДОВИТЕ КОИ НЕТОЧНО ДЕКЛАРИРАЛЕ МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ Граѓаните бараат точни информации за да не паничат
Од Агенцијата за храна и ветеринарство остануаа затворени за подетаљни информации околу последната контрола на млечните производи и за имињата на брендовите и на компаниите чии производи не соодветствуваат на законските норми.
Компаниите од млечната индустрија кои ги доведоа во заблуда граѓаните со лажни декларации на своите производи, засега остануваат непознати за јавноста.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска остануваа затворени за подетаљни информации околу последната контрола на млечни производи и имињата на брендовите и компаниите чии производи не соодветствуваат на законските норми.
Отсуството на имињата на компаниите или на брендот, серијата на производство и другите информации кои најчесто се објавуваат со повлекување на производите од пазарот, создадоа револт кај граѓаните. Тие велат дека една државна институција застана на страната на незаконското однесување, наместо на страната на граѓаните како потрошувачи.
– Нејасно ми е зошто АХВ дигна врева со тоа дека некои компании нè мамат и ни продаваат млечни производи со лажна декларација, ако не сака да каже кои производи не треба да ги купуваме. На овој начин им прави штета на производителите кои законски работат, бидејќи ние како потрошувачи сега нема да купуваме млечни производи или секогаш кога има некаква промена на вкусот ќе се сомневаме дека сме купиле неквалитетен производ. Дај нека го кажат барем брендот – вели Костадин Л. од Скопје.
Друг потрошувач прашува зошто не се кажува компанијата која користела палмино масло.
– Ставале палмино масло, кое е штетно за здравјето, но не е незаконски да се употребува и не декларирале дека го има во сирењето, што и да е. Мислам дека треба да кажат дека го користат, па секој кој што мисли дека може да го користи нека купува таков производ. Но, вака и тој што не треба да го користи може да јаде таков производ. Нека не се правдаат од АХВ со закони, туку нека ги кажат имињата на брендовите. По паниката, веќе нема да купуваме млечни производи – вели тој.
Од Организацијата на потрошувачи (ОПМ) јавно повикуваат Агенцијата за храна и ветеринарство да ги објави имињата на компаниите, бидејќи граѓаните не знаат на која декларација за млечни производи да веруваат.
-Како Здружение немаме информација кои се фирмите кои незаконски работат за да можеме да ги споделиме со граѓаните. АХВ е таа која треба да даде повеќе детали за производите, бреднот, за серијата … бидејќи само таму ги знаат целосните податоци. Вака граѓаните како потрошувачи се доведуваат во заблуда. Сега тие или нема да купуваат млечни производи, со што им се нанесува штета на компаниите кои работат законски или ќе треба слепо да веруваат во напишаното во декларацијата и покрај тоа што АХВ им всади недоверба со тоа што кажа дека имало компании кои немале точни декларации за составот на производот. Сепак сметаме дека АХВ треба да најде начин како да им ја понуди вистинската информација на граѓаните и ја повикуваме да го направи тоа – вели Татјана Тасевска од ОПМ.
Од ОПМ додаваат дека инспекторите на АХВ многу почетсто треба да биат на терен, но и да даваат точни информации за она што го пласираат во јавноста.
– Вака само се сее паника кај потрошувачите – велат оттаму.
И од Здруженијата на компании од млечната индустрија не ги коментираат наодите на АХВ, бидејќи, како што велат, немаат доволно информации за тоа дали спорните производи се од домашно производство, од увоз и за што, всушност, станува збор.
Агенцијата за храна и ветеринарство вчера соопшти дека кај 10 оператори со млеко и со млечни производи е утврдено дека анализираните примероци не одговараат на одредбите од Правилникот за квалитет на земјоделските производи, односно, со тестирањата констатирано е дека во производите има помал процент на млечни масти од декларираното. Кај еден оператор со храна, со лабораториско тестирање на мостра од одземените 22 килограми ситно сирење, е утврдено дека биле декларирани 20% млечна маст, а производот содржел само 1%, за што му е изречена парична казна од 3.500 евра во денарска противвредност.
Кај еден производ разликата била драстичн. Од промет се повлечени и 500 килограми производ со палмини масти, соопшти Агенцијата.
За измама на потрошувачите, уште на 8 оператори (производители и увозници) кај кои се утврдени отстапки од ваков вид, односно разлика во декларираниот и во реалниот процент на млечна маст во контролираните млечни производи, изречени им се казни по 1.050 евра во денарска противвредност.
Кај друг оператор со храна, со тестирањата констатирано е дека во производството на млечен производ користел растителни (палмини) масти, за што му е изречена парична казна од 1.300 евра во денарска противвредност. Спорниот млечен производ во вкупна тежина од 500 килограми од овој оператор е повлечен од промет и нештетно уништен на депонија.