АФД НАЈАВИ УКИНУВАЊЕ НА ЕВРОТО ВО ГЕРМАНИЈА АКО ВЛЕЗЕ ВО ВЛАДАТА Вахдел најави затворање на границите и напуштање на Шенген
Копретседателката на ултрадесничарската Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел, изјави дека доколку партијата влезе во федералната Влада, ќе бара Германија да ја напушти еврозоната и Шенгенскиот договор, да ги затвори националните граници и значително да ја заостри миграциската политика.
– На Германија ѝ беше значително подобро пред воведувањето на еврото. Заедничката европска валута ја ослабе германската економија и го намали богатството на домаќинствата – рече Вајдел во интервју за германската телевизија „Зе-Де-Еф“ емитувано вчера.
Во однос на миграцијата, таа најави затворање на германските граници.
– Ќе ги затвориме и ќе излеземе од Шенге – рече Вајдел.
Таа се заложи и за поголем број депортации и ограничено доделување германско државјанство, вклучително и враќање на Сиријците на кои повеќе не им важи статусот на заштита.
Вајдел ги критикуваше партиите ЦДУ на канцеларот Фридрих Мерц и СПД на министерот за финансии, Ларс Клингбајл, повторно напаѓајќи ја ЦДУ поради одбивањето да соработува со АфД.
– Ќе владееме со првите покраини. А ќе владееме и на федерално ниво – порача Вајдел.
Партијата АфД во пресрет на изборите во областа Саксонија-Анхалт закажани за 6 септември, според анкетите има поддршка од повеќе од 40 отсто од гласачите.
На национално ниво испитувањата на јавното мислење на АфД ѝ даваат поддршка од 27 отсто, додека ЦДУ има 22 отсто од гласачите.
Вајдел се огласи и против планираното укинување на продажбата нови автомобили со мотори со внатрешно согорување, како и против мерките за намалување на последиците од климатските промени.
Алтернатива за Германија е основана во 2013 година како евроскептична партија која се спротивставуваше на политиката за финансиско спасување на презадолжените членки на еврозоната.
По мигрантската криза во 2015 година, партијата значително се придвижи кон десно, ставајќи го во центарот на својата политика спротивставувањето на имиграцијата и на исламот, како и значително покритичкиот однос кон Европската Унија. Денес АфД се опишува како крајнодесничарска, националистичка и антиимиграциска партија.
На предвремените федерални избори во февруари 2025 година, АфД освои 20,8 отсто од гласовите, двојно повеќе отколку во 2021 година, и заврши на второто место зад ЦДУ. Со 152 пратеници, стана најголема опозициска партија во Бундестагот. Другите водечки германски партии досега одбиваат коалициска соработка со АфД, одржувајќи го таканаречениот „заштитен ѕид“ кон крајната десница.
Германската Сојузна канцеларија за заштита на уставот (БфВ) во мај 2025 година ја прогласи АфД за ексремистичка крајнодесничарска партија.
Меѓутоа, Управниот суд во Келн во февруари годинава привремено му забрани на БфВ да ја означува и третира АфД на тој начин до донесувањето одлука во главната судска постапка. Судот оцени дека и натаму постои сериозно сомневање за противуставни тенденции во партијата, но дека засега не е доволно утврдено тие да ја карактеризираат АфД во целина.
Алис Вајдел (47) е една од двете копретседателки на АфД на федерално ниво, предводник на пратеничката група во Бундестагот. Во партијата е од основањето во 2013 година. По професија е економист.