ЗАБРАНА ЗА КАМИОНИ НА 4 ПАТНИ ПРАВЦИ Патиштата се проодни, „Македонија пат“ апелира возачите да внимаваат

Екипите на „Македонија пат“ целосно се мобилизирани и во изминатото деноноќие со сите расположливи човечки и технички ресурси во континуитет работат на терен за да се обезбедат непречени услови за безбедно одвивање на сообраќајот.

0

Сите патни правци се проодни, а екипите го расчистуваат снегот со сета расположлива механизација, соопшти утрово ЈП „Македонија пат“. Од вчера Македонија е под снежни врнежи, а снежна покривка се формира и во градовите.

На државните патишта се вози по влажни коловози. Според утринскиот билтен на Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) од 7:45 часот, на четири патни правци и натаму важат забрани за движење на тешки товарни возила.






Камионите не смеат да се движат на патот Маврово-Дебар и преку превојот Стража меѓу Гостивар и Кичево, каде што забраните се во сила од вчера во 18 часот. Од синоќа во 22:15 часот забрана има на патот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, а од 00:20 часот и на патот Битола-Ресен преку превојот Ѓавато.

На патот Ресен-Охрид преку Буково забраната за камиони е укината утрово во 7:30 часот. Во 7 часот сообраќајот е нормализиран и на патот од Делчево до граничнио премин Делчево.

Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта ја информира јавноста дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози.

Екипите на „Македонија пат“ целосно се мобилизирани и во изминатото деноноќие со сите расположливи човечки и технички ресурси во континуитет работат на терен за да се обезбедат непречени услови за безбедно одвивање на сообраќајот.

„Нашите екипи континуирано ја следат состојбата на патиштата и со максимална ангажираност се работи на терен на навремено расчистување, одржување и обезбедување на проодноста на патните правци, посебно на планинските превои. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да покажат дополнителна внимателност и одговорност при управувањето со своите возила. Препорачуваме прилагодена брзина на движење согласно условите на патиштата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата особено во услови на намалена видливост. Потсетуваме на задолжително поседување на зимска опрема во возилата. Јавното претпријатие во континуитет ја следи состојбата на патиштата и навремено ги ангажира сите расположливите ресурси, со цел обезбедување безбедни и проодни патни правци низ државата“, се вели во соопштението на препријатието.

Според АМСМ, интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од АМСМ, исто така, апелираат до возачите да ја приспособат брзината на движење, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да управуваат внимателно, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои опасност од одрони.

Посебна претпазливост се препорачува на делниците Катланово-Велес, Маврово-Дебар-Струга, Виница-Берово и Кочани-Делчево.

МАКЕДОНИЈА ПОД СНЕЖНА ПОКРИВКА Доаѓа голем студ со кочан утра до минус 18 степени

Поврзани содржини