ПОГРЕБЕН МАРШ ЗА КУТУРАТА ПРЕД УСТАВЕН СУД Вработените бараат заштита на стекнатите права со колективниот договор
Од Синдикатот велат дека укинувањето на оспорените одредби ќе ги загрози стекнатите права на вработените во секторот.
Со изведба во живо на „Funeral March of the Proletarians“, познат и како Ленинов погребен марш, учесниците на протестот на Синдикатот на културата (СКРМ)денеска испратија порака до уставните судии кои треба да гласат за уставноста на колективниот договор за културата.
Со тоа тие сакат да дадат до знаење дека се погребуваат стекнатите права на вработените во културата, ако гласањето на Уставниот суд гласа против нив.
Протестот се одржува поради постапката за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура и членот 78-и од Законот за култура.
Од Синдикатот велат дека укинувањето на оспорените одредби ќе ги загрози стекнатите права на вработените во секторот.
Претседателката на СКРМ, Вера Атанасовска, во обраќањето на протестот праша зошто за колективниот договор за култура се одлучува токму денеска ако се знае дека идната недела им завршува мандатот на двајца судии, од кои едниот е претседателот на Уставниот суд, кој, рече, нивните работнички права јавно ги оквалификувал како привилегија.
– Знаеме дека во овој суд има предмети што со години чекаат да дојдат на ред. Така се купувало мир. Но, некои имаат привилегија да бидат решени токму пред заминувањето на судиите. Еден од тие предмети, што ви стои во фиока, е иницијативата на СКРМ за Упатството за пресметка на платите во културата, донесено од поранешниот министер, а денес координатор за култура, Зоран Љутков, со кое платите во културата се незаконски скратени -рече Атанасовска.
Таа додаде дека протестот не е да се изврши притисок на уставните судии, туку да им кажат на судиите дека „денеска можеби ќе погребаат еден колективен договор.
Атанасовска повтори дека бараат Уставниот суд да го одложи одлучувањето сè додека не се одржи јавна расправа на која синдикалните претставници ќе имаат можност да ги изнесат своите аргументи.