ПОЛИЦИСКИТЕ ВОЗИЛА ЌЕ СТАНАТ ПОДВИЖНИ РАДАРИ Ќе снимаат и казнуваат прекршоци додека се во движење
Покрај мобилните радари, Тошковски најави апликација за проверка и плаќање казни, систем за непрописно паркирање и проширување на „Безбеден град“ низ државата до средината на 2027 година.
Системот „Безбеден град“ ќе добие нова функција – полициските возила ќе бидат опремени со паметни камери и радари што ќе регистрираат сообраќајни прекршоци и додека се движат, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Според најавата, новата технологија ќе се користи и во урбаните средини и на отворените патишта. Воведувањето ќе се одвива етапно, паралелно со техничкото опремување на полициските возила и обуката на полициските службеници.
Тошковски во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на „Канал 5“ посочи дека целосната имплементација на системот треба да заврши до средината на 2027 година.
Проширувањето ќе се одвива по фази. Подрачјето на СВР Струмица треба да биде опфатено во првата половина на декември, СВР Штип до крајот на годинава или најдоцна до крајот на јануари, а подрачјето на СВР Скопје до крајот на февруари.
Министерот најави и дека до крајот на годинава треба да профункционира системот за регистрирање прекршоци за непрописно паркирање. Сепак, ова нема да се одвива целосно автоматски – ќе биде потребна потврда од полициски службеник, бидејќи технологијата не може со целосна сигурност да разликува непрописно паркирање од привремено запирање поради сообраќаен метеж.
Контролата ќе биде насочена кон главните булевари во Скопје и во другите градови, особено кон сообраќајниците по кои се движат автобусите на јавниот превоз.
Тошковски најави и мобилна апликација преку која граѓаните ќе можат да проверат дали имаат регистриран сообраќаен прекршок и да ги платат казните. Според најавата, апликацијата треба да им биде достапна од следната недела.
До крајот на годинава се очекува да биде ставен во функција и пунктот за проверка на возилата на граничниот премин Блаце, по примерот на веќе воспоставениот пункт на Табановце. Во иднина се планира вакви пунктови да има и на други гранични премини, меѓу кои и Богородица.
Осврнувајќи се на признанието за „Безбеден град“ во Дубаи, Тошковски рече дека тоа не се однесува само на технолошкото решение, туку и на законските измени, начинот на функционирање на системот и резултатите во намалувањето на сообраќајните несреќи со смртни последици.
Според податоците што ги изнесе, во изминатите 35 години во Македонија просечно годишно гинеле по 150 лица во сообраќајни несреќи. Годинава, заклучно со денот на неговото гостување, бројот на загинати изнесувал 85.
– Камерите не се за да казнуваат. Целта на камерата е да спаси еден човечки живот повеќе од претходно. Човечкиот живот нема цена – порача Тошковски.
Тој најави дека системот ќе продолжи да се надградува, особено на критичните сообраќајни точки на кои се случуваат најголем број тешки сообраќајни несреќи.