„МОЖЕШЕ ДА БИДЕ МНОГУ ПОСТРАШНО“ – ПОЖАРНИКАРИТЕ ЗА ДРАМАТА ВО ОХРИД Пожарот е изгаснат, осум лица завршија во болница

Пожарот избувнал во стан на улицата Гоце Делчев во населбата Даљан. Пожарникарите, полицијата и медицинските екипи евакуирале повеќе станари, а против 55-годишниот осомничен ќе биде поднесена кривична пријава за предизвикување општа опасност.

7

Брзата интервенција на охридските пожарникари спречила пожарот во станбена зграда во населбата Даљан да прерасне во поголема катастрофа. Осум лица биле пренесени во болница поради повреди и тешкотии со дишењето, а седуммина се сместени на Интерното одделение, додека едно лице е на Интензивна нега.

Пожарот избувнал во стан на улицата Гоце Делчев, по што на терен веднаш интервенирале припадници на Територијалната противпожарна единица од Охрид, полициски службеници и медицински екипи. Поради опасноста, биле евакуирани повеќе жители од станбената зграда.






Од Територијалната противпожарна единица Охрид информираат дека нивните екипи ги презеле сите неопходни мерки за локализирање и гаснење на пожарот, како и за евакуација на станарите. Брзото дејствување на пожарникарите било клучно за спречување на поголеми последици.

Осумте лица кои имале повреди или тешкотии при дишењето биле пренесени со возила на Итната медицинска помош во Општата болница во Охрид.

Според информациите од болницата, седум пациенти се згрижени на Интерното одделение, а еден е на Интензивна нега. Станува збор за повозрасни лица, но во моментот на последното известување ниту еден од нив не бил во животозагрозувачка состојба. Поради зголемениот број пациенти, болницата го удвоила медицинскиот персонал, а за нивната состојба биле известени и соодветните клиники.

Во врска со пожарот, полицијата лишила од слобода 55-годишен жител на Охрид, Ц.Н., кој се сомничи дека го предизвикал пожарот во сопствениот стан.

Од СВР Охрид информираат дека во координација со другите надлежни служби се преземаат дополнителни мерки за поддршка на станарите и смирување на состојбата.

Поради последиците од пожарот, жителите на зградата вечерта ќе ја минат кај свои блиски, а во објектот е исклучена електричната енергија. Увидот на местото на настанот е најавен за следниот ден.

По целосно документирање на случајот, против 55-годишниот охриѓанец ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело „Предизвикување општа опасност“.

ОХРИЃАНЕЦ СИ ГО ЗАПАЛИЛ СТАНОТ, ОСУМ ЛИЦА ЗАВРШИЛЕ ВО БОЛНИЦА Приведен 55-годишен маж кој се сомничи дека го предизвикал

Поврзани содржини