ТОШКОВСКИ НАЈАВИ ПОГОЛЕМИ ПЛАТИ И НОВИ УНИФОРМИ ЗА ПОЛИЦАЈЦИТЕ Ќе добијат и нови возила и подобри услови за работа

Министерот најави нови униформи до крајот на годината, зголемување на платите, нови возила и подобри објекти. Боди камерите треба да бидат воведени низ целата држава до средината на 2027 година, а Тошковски призна дека двапати размислувал да се повлече од функцијата.

0

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најавува повисоки плати за полициските службеници, нови униформи, повеќе возила и подобри услови за работа. Најави и построги механизми за контрола на професионалноста и интегритетот во полицијата, со поголема одговорност за службениците кои не ги почитуваат правилата и процедурите.

Во гостувањето во емисијата „Само вистина“ на телевизија Канал 5, Тошковски оцени дека Министерството за внатрешни работи мора порационално да ги користи човечките ресурси и да ги зајакне оперативните капацитети.






Тој посочи дека новата систематизација и Законот за внатрешни работи биле одложени по политичка одлука, по реакциите на опозицијата.

Тошковски најави дека до крајот на годината полициските службеници ќе добијат нови, модерни униформи. Во наредниот период се планираат и набавка на нови возила, подобрување на објектите и склучување нов колективен договор.

Говорејќи за платите, министерот рече дека по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт веќе имало зголемување, а платите дополнително се усогласуваат согласно годишните законски механизми.

– За професионалците и за оние коишто се столбот на безбедносниот систем во Македонија, во иднина ќе има и зголемување на плати, и нови униформи, и повеќе возила, и подобри услови за работа, и подобри објекти, и нов колективен договор – изјави Тошковски.

Министерот се осврна и на потребата од расчистување на состојбите во полицијата, најавувајќи повисоки професионални стандарди и поголема одговорност за службениците кои не ги почитуваат правилата.

– Мора да се исчистиме од овие другите. Има и таму луѓе што се корумпирани – рече Тошковски.

Тој нагласи дека боди камерите, чие воведување на територијата на целата држава е планирано до средината на 2027 година, треба да придонесат за поголема транспарентност и контрола на полициското постапување.

Во интервјуто зборуваше и за борбата против корупцијата. Посочи дека МВР поднело кривични пријави против поранешни и актуелни функционери, но нагласи дека конечниот резултат зависи и од постапувањето на Јавното обвинителство и судовите.

На прашањето дали размислува да поднесе оставка по критиките од опозицијата, Тошковски одговори дека нема таква намера и дека останува посветен на работата во Министерството за внатрешни работи.

Сепак, призна дека во изминатиот период, особено кога имал здравствени проблеми, во два наврата размислувал да се повлече од функцијата. Како причини поради кои продолжил да работи ги посочи желбата за подобра Македонија и резултатите постигнати во досегашниот период.

Поврзани содржини