ГО НАШЛЕ ТЕЛОТО ВО ЗАМРЗНУВАЧ ПРЕД СЕМЕЈНА КУЌА ВО УТРЕХТ Апаратот стоел 2 недели на тротоарот пред некој да се посомнева

Соседите велат дека замрзнувачот стоел на тротоарот околу 2 недели. Општината проверува како службите постапувале со семејството на 20-годишникот.

0

Младич на 20 години бил пронајден мртов во замрзнувач пред куќата на своето семејство во холандскиот град Утрехт. Таткото тврди дека социјалните служби му наложиле да не го прима дома, објави холандскиот јавен сервис НОС.

Телото го забележал минувач во вторникот, на 24 ноември, околу 13.20 часот. Замрзнувачот стоел на улицата Тимерстрат, делумно покриен со зеленило. Полицијата го оградила местото, додека форензичарите работеле до вечерта.






Соседите раскажуваат дека во населбата често се остава стар мебел и покуќнина за собирање. Затоа замрзнувачот, кој според нив стоел таму околу 2 недели, не привлекувал посебно внимание.

Младичот пристигнал од Сирија во Холандија на 15 години. Неговото семејство дошло 4 години подоцна. Според таткото, синот западнал во лошо друштво, по што заедничкиот живот станал невозможен.

Таткото тврди дека локалниот тим за социјална поддршка му се заканил со одземање на другите деца ако повторно го прими синот. Последен пат му тропнал на вратата во неделата.

– Ми рече: „Тато, студено ми е, пушти ме внатре“. Тие зборови никогаш нема да ги заборавам – раскажал таткото.

Социјалниот тим потврдил дека работел со семејството. Општината отворила проверка на неговото постапување.

Градоначалничката на Утрехт, Шарон Дајксма, ја пренела првичната полициска проценка дека најверојатно не станува збор за кривично дело. Полицијата најавила дополнителни испитувања на телото за утврдување на причината за смртта.

Поврзани содржини