ТАТКОТО НА ДУА ЛИПА ОТКРИ ДЕЛОВИ ОД ПРИВАТНИОТ ЖИВОТ „Дома ги мешаме јазиците, но сите мои деца зборуваат течно албански“
Во интервју за хрватската телевизија РТЛ, Дукаѓин Липа раскажа колку се блиски со неговата ќерка и како ги поставуваат границите меѓу семејството и работата. Откри и кој го има последниот збор при носењето важни одлуки за кариерата на пејачката, а проговори и за животот на Дуа надвор од сцената, далеку од славата и рефлекторите.
Во Загреб неколку дена престојуваше Дукаѓин Липа (57), таткото и менаџер на музичката сензација Дуа Липа (31) и основач на фестивалот „Сани Хил“, благодарение на кој во Приштина настапуваа пејачките Мајли Сајрус, Кети Пери и Пеги Гоу. За тоа како еден мал фестивал прерасна во меѓународно значаен настан, Липа зборувал на конференција во Загреб, а потоа дал ексклузивно интервју за емисијата „РТЛ Директ“, на водителката и уредничка Мојмира Пасторчиќ.
Тој открил бројни детали за приватниот и професионалниот однос со својата ќерка, која годинава ќе испише историја како прва британска музичарка што ќе биде главна ѕвезда на култниот американски фестивал „Коачела“.
– Дуа и јас сме во единствена положба, и во деловниот и во приватниот однос. Многу сме блиски, одлично се разбираме и соработуваме уште од нејзиното детство. Затоа многу добро знаеме каде се границите меѓу деловниот и приватниот живот. Кога станува збор за одлуките, секогаш ги носиме во договор со Дуа. Таа е запознаена со сè што се однесува на нејзината работа, бизнисот и кариерата. Ниту една одлука не се носи без нејзино знаење. За многу работи дури и не мора да разговараме, бидејќи веднаш ги отфрламе ако не се изводливи поради распоредот или некоја друга причина. Но важните одлуки, оние навистина суштинските, секако, ги носиме заедно – вели таткото и менаџер на пејачката. На прашањето кој го има последниот збор, одговара дека тоа секогаш е Дуа.
– Кога станува збор за креативните прашања, Дуа секогаш го има последниот збор – нагласи Липа, опишувајќи каква е неговата славна ќерка во приватниот живот.
– Искрено, се трудиме да живееме што е можно понормално. Ако ја следите на социјалните мрежи, можете да видите каква е навистина. Не го прави тоа заради Инстаграм. Многу време поминува со пријателите од детството, кои и денес ѝ се најдобри пријатели. Посветува многу време на семејството, на братот и сестрата, оди во ресторани и ужива во животот на вообичаен начин. За среќа, опкружени сме со добри луѓе и пријатели. Ѝ помагаме да остане цврсто на земја – вели Дукаѓин и додава дека иако дома ги мешаат јазиците, сите негови деца зборуваат течно албански.
Липа и летово престојуваше во регионот, а тогаш не го пропушти концертот на Дино Мерлин.
– Не дојдов во регионот само поради Дино Мерлин. Не знам дали знаете, но за време на студиите поминав многу време во Сараево. Дино Мерлин е извонреден изведувач и уметник. Тогаш бевме во Црна Гора. Имаме летна куќа во Улцињ, на југот на земјата. Бевме таму, а за среќа, ја познаваме екипата, па беше доволен само еден телефонски повик. Отидовме да уживаме во вечерта и беше прекрасно – заклучи тој.