ПОЧИНА ЌЕРКАТА НА БРИТАНСКАТА АКТЕРКА ЛИЗА МАКСВЕЛ Бју Џесап имаше 27 години, а уште на 16 заработи илјадници фунти со необична бизнис-идеја

Ќерката на познатата британска актерка Лиза Максвел студирала новинарство на Универзитетот Колумбија во Њујорк. Уште како тинејџерка основала интернет-страница преку која им помагала на кинеските родители да изберат англиски имиња за своите деца.

0

Бју Џесап, ќерката на британската актерка Лиза Максвел, почина на 27 години. Веста ја соопшти Факултетот за новинарство при Универзитетот Колумбија, каде што младата Британка студирала на магистерската програма.

– Факултетот за новинарство при Универзитетот Колумбија тагува поради загубата на Бју Џесап, студентка на нашата магистерска програма. Им изразуваме сочувство на нејзиното семејство, пријателите и колегите – објави институцијата.






Засега не се соопштени околностите ниту причината за нејзината смрт. Џесап требало да дипломира во мај 2027 година. По повод нејзината смрт, факултетот објави и интервју со неа од октомври, во кое зборува за новинарството, пишувањето и искуството да расте во семејство познато во јавноста.
Она што особено ја издвојуваше Бју беше нејзиниот претприемачки дух. На само 16 години, во 2016 година, основаше сопствена интернет-страница наречена SpecialName, преку која им помагаше на кинеските родители да изберат англиски имиња за своите бебиња.

Идејата ѝ дошла за време на патување во Кина со нејзиниот татко Пол Џесап. Еден од неговите деловни соработници ја замолил да предложи англиско име за неговата ќерка. Бју сфатила дека тоа не е изолиран случај и дека многу кинески семејства имаат потреба од ваква услуга.

Во Кина, покрај традиционалните кинески имиња, родителите често им избираат и англиски имиња на своите деца, кои подоцна им се потребни за комуникација, училиште, студии во странство и деловни контакти. Бју забележала дека некои родители избираат имиња од филмови или интернет, без да знаат дека на англиски можат да имаат необично или несоодветно значење.

Така го осмислила SpecialName – интернет-услуга преку која родителите избирале особини што сакале нивното дете да ги поседува, како интелигенција, искреност, самодоверба или храброст. Системот потоа им предлагал три имиња што одговарале на нивните желби. Во базата имало околу 4.000 англиски имиња, секое поврзано со одредени карактеристики.

За првичниот проект позајмила 1.500 фунти од татка си, а услугата ја наплаќала околу 60 пени. Само неколку месеци по започнувањето, нејзината идеја веќе била користена од стотици илјади семејства. Во 2016 година медиумите објавија дека преку страницата биле избрани имиња за околу 220.000 деца, а Бју веќе заработила повеќе од 48.000 фунти. До 2019 година бројката надминала 677.000 бебиња, а заработката ѝ помогнала да ги финансира универзитетските студии. Подоцна, во својот ТЕД-говор, таа зборуваше дека помогнала да се изберат имиња за околу еден милион деца.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by MEAWW Entertainment (@meawwofficial)

Успехот на нејзината идеја ја направи една од најпознатите млади претприемачки во Велика Британија, иако претприемништвото не било единствената област во која сакала да се реализира. Бју дипломирала социјална антропологија на Лондонската школа за економија, а потоа студирала пишување за театар и изведувачки уметности на Универзитетот Кембриџ. Напишала и театарска претстава насловена The Sandbag, во која се занимава со семејството, сеќавањата и наследените приказни.

Подоцна се посветила на новинарството и се запишала на магистерските студии на Универзитетот Колумбија во Њујорк. Во интервјуто објавено по нејзината смрт зборува дека растењето со позната мајка ја поттикнало да размислува за разликата меѓу вистинските животи на луѓето и приказните што се раскажуваат за нив.

– Уште од мала ме интересираше кој има право да ги раскажува туѓите приказни и што се случува кога тие ќе станат дел од јавноста – објаснила таа.

Имала и уште еден проект, Beau’s Community Bakes, преку кој користела рецепти и правење печива за да поттикне разговори со постари луѓе кои се соочувале со осаменост.

Нејзината мајка Лиза Максвел е позната британска актерка, која седум години глумеше во полициската серија The Bill, а подоцна беше и панелистка во телевизиската емисија Loose Women. Татко ѝ Пол Џесап е бизнисмен и основач на компанија за производство на кадифени мечиња.

Лиза досега не се огласила со детали за смртта на ќерката. Во септември, со голема гордост сподели фотографија од Бју по нејзиниот прием на Универзитетот Колумбија, а семејството сега се соочува со ненадејната загуба на младата жена.

Поврзани содржини