8 ТЕЛА ИЗВЛЕЧЕНИ ОД УРНАТАТА ЗГРАДА ВО БРУКЛИН, МЕЃУ НИВ 3 ДЕЦА Соседно градилиште го поткопало објектот
Инспекција се врши за пет компании поврзани со градилиштето што се наоѓа до урнатата зграда, а истрагата ќе опфати и стотина други градилишта каде што работат овие компании – најави градоначалникот на Њујорк Зохран Мамдани.
Најмалку осум лица загинаа во уривањето на станбена зграда во квартот Бруклин во Њујорк, а спасувачките екипи ја завршија потрагата по жртви. Градоначалникот Зохран Мамдани нареди истрага за десетици градилишта поврзани со компаниите што изведувале работи веднаш до урнатиот објект, пренесува Ројтерс.
Според градските власти, од урнатините се извлечени шест тела, додека две други лица подоцна им подлегнале на повредите. Меѓу осумте жртви има две деца и двајца градежни работници. Вкупно 18 лица се повредени, вклучително и четворица пожарникари кои учествуваа во спасувачката акција.
Урнатата станбена зграда била изградена во 1930 година и во неа имало четири станови, во кои живееле неколку семејства на имигранти. Меѓу загинатите имало и двајца државјани на Еквадор. Зградата се урна во средата околу 16:00 часот, при што бил уништен ѕид од соседната зграда, а останале откриени скалила, плакари и една спална соба. Како мерка на претпазливост, властите наредија евакуација на жителите од уште три објекти на истата улица, сè додека не се извршат безбедносни проверки.
Во непрекинатата спасувачка операција учествуваа околу 250 лица. Во четвртокот два багера работеа на расчистување на урнатините и покрај обилниот дожд. Вечерта противпожарната служба соопшти дека во урнатините веќе нема жртви и дека спасувачката операција е завршена.
Градоначалникот Мамдани најави дека градските власти ќе извршат инспекција на пет компании поврзани со градилиштето што се наоѓа до урнатата зграда. Истрагата ќе опфати и стотина други градилишта каде што работат овие компании. Сателитските снимки потврдуваат дека ископувањата на соседната парцела започнале пред неколку месеци. Според официјалните податоци, изведувачот во септември ги известил надлежните органи дека работите ќе вклучуваат минирање на карпи.
– Градските градежни инспектори се распоредени низ градот и преземаат мерки доколку постои каква било причина за загриженост кај јавноста. Доколку некој поединец или компанија има вина за она што се случи, ќе се погрижиме тие целосно да одговараат – изјави Мамдани на прес-конференција.