СО УРЕД ОД ЦРНИОТ ПАЗАР КРАДЕЛЕ СТРУЈА ВО КАЗИНО Штетата во Кичево е 2,7 милиони денари

Специјализиран тим на Електродистрибуција при контрола во казино на улицата Магистрален пат открил уред што влијаел врз две броила и овозможувал делумно или целосно нерегистрирање на потрошената електрична енергија.

0

Со специјален уред за манипулација со фреквенции, набавен на црниот пазар, биле менувани отчитувањата на две електрични броила во казино на улицата Магистрален пат во Кичево, со што дел од реално потрошената електрична енергија не била регистрирана. Електродистрибуција открила дека уредот влијаел врз мерните инструменти, а за двата мерни места пресметала надомест на штета од вкупно 2.722.798 денари или 44.300 евра.

Случајот бил откриен по детални анализи на потрошувачката и континуирано следење на динамиката на користење на електричната енергија. По тие анализи, Специјализираниот тим за откривање неовластено користење електрична енергија извршил теренска контрола во казиното.






При контролата било забележано нетипично однесување на мерните уреди, проследено со абнормално зуење во мерниот ормар. Мерењата покажале фреквенција од 225 до 340 херци, што претставува значително отстапување од стандардните 50 херци.

Од Електродистрибуција посочуваат дека со контролата било откриено користење уред за манипулација со фреквенции, набавен на црниот пазар. Со него било овозможено влијание врз две броила, поради што реално потрошената електрична енергија делумно или целосно не била евидентирана.

– По извршената контрола составен е Записник за неовластено користење на електрична енергија – информираат од компанијата.

Случајот е пријавен и во Министерството за внатрешни работи. До МВР е поднесена пријава за неовластено преземање електрична енергија, согласно член 235-а од Кривичниот законик.

Покрај тоа, Електродистрибуција изготвила две посебни фактури за надомест на штета, по една за секое од двете мерни места. Вкупниот износ што треба да се надомести е 2.722.798 денари.

Поврзани содржини