ДЕЛЕГАЦИИ ОД ФИФА И УЕФА ЌЕ ПРИСТИГНАТ ВО БЕЛГРАД Се бара излез од кризата во српскиот Фудбалски сојуз

Шестмина претставници на двете најголеми фудбалски организации утре пристигнуваат во Србија. На маса ќе бидат изборот на ново раководство, мандатите на делегатите и идното функционирање на Сојузот.

1

ФИФА и УЕФА испраќаат заедничка делегација во Белград за да помогнат во решавањето на институционалната криза во Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС). Посетата е закажана за утре, 11 ноември, а првите предлози за излез од блокадата би можеле да бидат познати уште истиот ден.

Според информациите на српскиот „Спорт клуб“, во Белград ќе пристигнат по тројца претставници на светската и европската фудбалска организација.






Станува збор за експерти со искуство во решавање кризни ситуации во националните фудбалски федерации.

Меѓу нив е и Лука Никола, директор на ФИФА за управување и односи со засегнатите страни, кој претходно работел во УЕФА и со години ги следи случувањата во српскиот фудбал.

Претставниците на двете организации ќе разговараат со раководството на ФСС, со Заедницата на клубовите и со други организации вклучени во функционирањето на српскиот фудбал.

Кризата се продлабочи по истекот на мандатот на досегашниот претседател Драган Џајиќ. Според српските медиуми, Сојузот од почетокот на ноември нема претседател, а изборното собрание повеќепати било откажувано.

Дополнителен проблем е прашањето за легитимноста и продолжувањето на мандатите на делегатите и членовите на комисиите избрани во 2022 година.

За 14 ноември е закажана седница на Собранието на ФСС, на која треба да се разгледа идното раководство. Засега не се планира нејзино одложување или откажување.

Според одделни српски медиуми, едно од сценаријата за надминување на кризата е формирање привремено тело што би управувало со Сојузот до изборот на ново раководство.

По разговорите во Белград, шестчлената делегација треба да предложи еден или повеќе правно издржани модели за надминување на проблемите.

Седницата на Собранието на ФСС е закажана за сабота, 14 ноември, во 11 часот, во спортскиот центар на Сојузот во Стара Пазова.

Поврзани содржини