НАЈМАЛКУ 11 ЗАГИНАТИ И 48 ПОВРЕДЕНИ ВО ПЕКОЛОТ НА „ТРАКИЈА“ Над 70 возила се судриле во двата верижни судари
Бугарскиот премиер Румен Радев соопшти дека има најмалку 11 загинати и 48 повредени, додека локалните медиуми јавуваат за 12 жртви. Во несреќите учествувале автомобили, камиони, автобуси и комбиња, а спасувачите со специјална опрема ги извлекуваат заглавените патници.
Билансот од двете катастрофални верижни сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“ во Бугарија се искачи на најмалку 11 загинати и 48 повредени. Во двата судира, што се случиле утрово во близина на клучката Зимница, учествувале повеќе од 70 возила – автомобили, камиони, автобуси и комбиња. Локалните медиуми јавуваат дека бројот на загинатите веќе достигнал 12.
Официјалниот биланс го соопшти бугарскиот премиер Румен Радев пред новинарите во Варна. Несреќите се случиле околу 7 часот по локално време, во услови на исклучително густа магла. Првиот судир бил на 289 километар од автопатот, во правец кон Бургас, а вториот на 294 километар, непосредно пред клучката Зимница, во правец кон Софија.
Колкави се размерите на трагедијата сведочи и изјавата на гувернерот на областа Сливен, Михаил Кашеров, кој е на местото на несреќата. Тој рекол дека глетката е неопислива и дека никогаш во животот не видел нешто слично. Според неговите информации, во судирите учествувале повеќе од 70 превозни средства, а бројот на загинатите надминал десет.
Во болницата во Јамбол се примени 13 повредени, додека во окружната болница во Сливен се згрижени 18 лица. Тројца од пациентите во Сливен се во исклучително тешка состојба.
Претходно, заменик-директорот на болницата во Јамбол, Валентин Валчев, соопштил дека таму биле примени 11 повредени, од кои повеќето со тешки повреди. Седуммина имале повеќекратни повреди, односно политрауми, а тројца имале скршеници на екстремитетите.
Претставничката на Европскиот центар за транспортни политики, Дијана Русинова, претходно изјавила дека повредени се повеќе од 50 лица и дека дел од учесниците сè уште се заробени во возилата. Оваа бројка, сепак, не беше официјално потврдена.
Спасувачката акција е исклучително сложена. Шефот на сообраќајната полиција во Јамбол, Тодор Мишинов, соопштил дека на одредени места спасувачите морале да го сечат лимот на автомобилите за да ги извлечат заглавените патници. Поради уништените возила, амбулантните екипи не можат да пристапат до сите повредени, па дел од нив се изнесуваат рачно, на носила.
Во акцијата е вклучена и воена единица од Кабила. На терен се упатени повеќе од 20 припадници на 42. механизиран баталјон од Јамбол.
За транспорт на повредените се ставени во готовност и хеликоптери, кои би ги пренесувале пациентите до Бургас, од каде што, доколку биде потребно, би биле транспортирани со воен авион „Спартан“. Авионот веќе се наоѓа на аеродромот во Бургас и е подготвен за транспорт на пациенти.
Гувернерот Кашеров разговарал и со министерката за здравство Катја Ивкова, која потврдила дека ќе биде подготвен и втор авион „Спартан“ доколку има потреба од дополнителен воздушен транспорт.
За тројцата пациенти кои се на реанимација е одлучено прво да бидат стабилизирани и медицински згрижени на самото место, за да се процени дали нивната состојба дозволува безбеден транспорт до Бургас.
Како можни причини за несреќите се наведуваат густата магла, влажниот коловоз и неприлагодената брзина. Директорот на обласната патна управа ги посочил овие околности како фактори што можеле да придонесат за масовните судири.
Автопатот „Тракија“ останува целосно затворен во двата правци, сè додека не бидат отстранети хаварисаните возила.
Системот за рано предупредување е активиран во областите Јамбол, Бургас и Сливен, со цел да се предупредат граѓаните и возачите за опасноста и ограничувањата во сообраќајот.
Бугарскиот премиер Радев изразил длабоко сочувство до семејствата и блиските на загинатите. Тој за трагичните настани го информирал и претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на почетокот на нивниот заеднички брифинг во Варна.