📽️ ГО СЛЕДЕА МИЛИОНИ, ЗАРАБОТУВАШЕ БОГАТСТВО И БЕШЕ ЕДНА ОД ПРВИТЕ ЈУТЈУБ ЅВЕЗДИ Неговата приказна ја открива мрачната страна на интернет-славата

Шејн Досон беше една од првите големи ѕвезди на Јутјуб, човек чии видеа собираа милиони прегледи и кој од снимање во сопствената соба изгради профитабилна деловна империја. Но зад огромниот успех се редеа контроверзи кои во 2020 година доведоа до неговиот голем пад.

17

Шејн Досон беше меѓу првите вистински интернет-ѕвезди. Неговите видеа собираа стотици милиони прегледи, книгите му станаа бестселери, а соработката со контроверзниот козметички магнат Џефри Стар му донесе и огромен деловен успех. Но во 2020 година, кога повторно се појавија негови стари видеа со расистички и сексуално несоодветни содржини, неговиот имиџ доживеа тежок удар. Шест години подоцна, Досон повторно снима, има подкаст, настапува пред публика и живее семеен живот со сопругот и нивните близнаци. Сепак, неговото враќање не поминува без критики.

Шејн Ли Јоу, познат како Шејн Досон, е роден на 19 јули 1988 година во Лонг Бич, Калифорнија. Растел со двајцата постари браќа, Џејкоб и Џерид, и мајка му Тереза, која сама го одгледувала семејството. Детството не му било лесно. Семејството се соочувало со финансиски проблеми, а поради вишокот килограми бил мета на врсничко малтретирање, што оставило последици врз неговата самодоверба. Уште како момче сакал да снима, правел кратки филмови и училишни проекти со пријателите.






По завршувањето на средното училиште се вработил во центар за слабеење „Џени Крег“, каде што работеле и членови на неговото семејство. Во 2008 година решил посериозно да се посвети на Јутјуб, кој тогаш сè уште беше релативно нова платформа. Почнал со комични скечеви, пародии на познати личности и кратки приказни во кои често глумел повеќе ликови. Едно од првите видеа го снимил токму на работното место, а тоа го чинело отказ. Отказ добиле и некои негови роднини и колеги кои учествувале во снимањето. Токму она поради што тогаш ја изгубил работата, му го отворило патот кон кариера од која подоцна заработи милиони.

Уште во првите две години на Јутјуб собра повеќе од 500 милиони прегледи. Неговите канали „ShaneDawsonTV“ и подоцна „Shane“ привлекуваа сè поголема публика, а препознатливи станаа неговиот необичен хумор, претераните реакции и ликовите што сам ги создаваше. Популарноста ја прошири и надвор од интернет: објавуваше музички пародии и песни, го водеше подкастот „Shane and Friends“, а во 2014 година го режираше и глумеше во филмот „Not Cool“.

Се испроба и како писател. Неговите книги „I Hate Myselfie“ од 2015 и „It Gets Worse“ од 2016 година се најдоа на листите на бестселери на „Њујорк тајмс“.

Пресвртот во неговата кариера дојде околу 2017 година, кога се откажа од кратките комични видеа и почна да создава долги документарни серии за други интернет-ѕвезди. Во нив ги истражуваше нивните приватни животи, скандали, деловни успеси и проблеми. Особено внимание привлекоа серијалите за Тана Монго и Џејк Пол, како и „The Mind of Jake Paul“ од 2018 година. Но и тој проект предизвика критики поради начинот на кој Досон ги обработуваше темите поврзани со менталното здравје и однесувањето на контроверзниот инфлуенсер. Публиката, сепак, ги следеше неговите епизоди и ги очекуваше со нетрпение да се телевизиска серија.

Еден од најголемите деловни успеси го постигна со Џефри Стар, контроверзниот инфлуенсер и сопственик на козметичкиот бренд „Jeffree Star Cosmetics“. Нивната соработка започна во 2018 година со документарниот серијал „The Secret World of Jeffree Star“, во кој Досон го прикажуваше луксузниот живот, бизнисот и приватната страна на Стар. Разликата меѓу нив двајца беа дел од привлечноста: Стар се претставуваше како екстравагантна личност која ужива во богатството, додека Досон често се прикажуваше како несигурен и помалку снаодлив во светот на луксузот. Во 2019 година соработката прерасна во голем козметички бизнис. Заедно ја создадоа колекцијата „Conspiracy“, а процесот на нејзиното создавање беше документиран во серијалот „The Beautiful World of Jeffree Star“. Публиката со месеци ги следеше изборот на нијанси, развојот на производите, преговорите и подготовките за продажба. Кога колекцијата беше пуштена во продажба, производите брзо се распродадоа, а проектот оствари милионски приходи.

 

Но на врвот на популарноста, неговото минато почна да го стасува. Во 2020 година на социјалните мрежи повторно се проширија снимки од неговите стари видеа и подкасти во кои користи расистички стереотипи, навредува различни групи и прави несоодветни сексуални шеги. Особено остри реакции предизвикаа неговите скечеви во кои се појавуваше со затемнета кожа, таканаречен „blackface“, како и старите шеги на сметка на деца. Дополнително внимание привлече и снимка во која зборуваше за својата мачка на експлицитен и вознемирувачки начин. Досон подоцна тврдеше дека приказната била измислена и дека сакал да ја шокира публиката. Еден од најголемите скандали се случи кога повторно се појави видео во кое прави несоодветен сексуален гест пред постер на тогаш 11-годишната Вилоу Смит, ќерката на Вил Смит и Џејда Пинкет Смит. Нејзиното семејство јавно реагираше, а критиките кон јутјуберот станаа уште погласни.

Во јуни 2020 година објави видео со наслов „Taking Accountability“, во кое се извини за своето претходно однесување. Призна дека објавувал навредливи содржини и дека правел работи само за да ја шокира публиката и да добие повеќе прегледи.

Извинувањето не ги смири реакциите. Јутјуб му ја суспендираше можноста да заработува од реклами на своите канали, а неговите книги беа повлечени од понудата на некои трговци. Според тогашните медиумски извештаи, изгубил и стотици илјади претплатници. Дополнителен удар беше и повлекувањето на козметичката колекција од продажните места на „Морфи“. По повеќе од една деценија како една од најпознатите личности на Јутјуб, Досон речиси целосно се повлече од платформата.

Во октомври 2021 година се врати со видео во кое зборуваше за периодот поминат надвор од центарот на вниманието. Призна дека се чувствувал засрамен и потресен од повторното појавување на старите снимки, но и дека морал да ја прифати одговорноста за своите постапки. Рече дека научил многу и дека повеќе не сака постојано да живее во страв од тоа што ќе мислат другите. Сепак, публиката остана поделена: дел од неговите долгогодишни обожаватели го пречекаа со воодушевување, додека други сметаа дека не покажал доволно сериозно соочување со последиците од своето однесување. Во 2022 година се обиде повторно да соработува со Џефри Стар, но нивниот нов документарен проект не го повтори успехот на претходните серии.

Во меѓувреме, многу се промени и неговиот приватен живот. Претходно беше во врска со јутјуберката Лиса Шварц, а во 2015 година јавно проговори за својата бисексуалност. Една година подоцна започна врска со инфлуенсерот Рајленд Адамс, кој со текот на времето стана и чест учесник во неговите видеа.

Се свршија во 2019 година, а на 3 јануари 2023 година се венчаа во Колорадо.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Shane Dawson (@shanedawson)

Нивната свадба ја објавија неколку дена подоцна, споделувајќи фотографии и видео од граѓанската церемонија. Истата година им се исполни и желбата да станат родители. Со помош на сурогат-мајка, на 7 декември 2023 година ги добија близнаците Џет и Макс. Веста за раѓањето предизвика и нови полемики на интернет, бидејќи дел од јавноста повторно ги отвори старите скандали на Досон и ги доведе во прашање неговите родителски способности. Денес двајцата често споделуваат семејни моменти и зборуваат за секојдневието со децата. Дел од животот го поминуваат во Колорадо, каде што купиле имот.

На 38 години, Досон сè уште не се откажал од интернетот. Продолжува да снима видеа, го води „The Shane Dawson Podcast“, во кој со блиски пријатели разговара за приватниот живот, популарната култура, необичните интернет-феномени и теориите на заговор.

Во 2026 година направи и нов чекор – реши повторно да се претстави пред публика во живо. Го започна проектот „Shane Dawson Live!“, во рамките на кој го претставува сопствениот телевизиски пилот „Cancelled“, кој сам го напишал и режирал. Приказната е за позната актерка чија кариера почнува да се распаѓа откако во јавноста ќе протече компромитирачка аудиоснимка. Во проектот глумат и неговиот сопруг Рајленд Адамс и интернет-ѕвездата Џејкоб Сарториус. Интересно е што повторно се занимава со темата на јавната осуда и губењето на угледот – искуства што и самиот добро ги познава.

Проектот во октомври годинава беше претставен пред публика во Чикаго, а за 18 ноември е најавено и гостување во Глендејл, Калифорнија, со проекција на пилот-епизодата и разговор со публиката. Сепак, неговото враќање не минува без отпор. Најавениот настап во Хјустон кон крајот на октомври предизвика реакции кај дел од студентите на локалниот универзитет, кои потсетија на неговите поранешни скандали. Така, Досон и денес останува една од најконтроверзните личности што ги создаде Јутјуб. Има милиони следбеници кои му останаа верни речиси две децении, но и многумина кои сметаат дека не може едноставно да се врати на старата позиција по содржините што со години ги објавувал.

Поврзани содржини