📽️ СЕ АСФАЛТИРААТ ПРИСТАПИТЕ КОН МОСТОТ „ГЕНЕРАЛ МИХАЈЛО АПОСТОЛСКИ“ Ѓорѓиевски најави дека наскоро ќе биде пуштен во сообраќај

Интензивно се работи на пристапните улици, а претходно бил решен проблемот со експропријацијата на земјиштето. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најавува дека мостот конечно ќе ги поврзе двете соседни општини.

0

Пристапните улици кон мостот „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје веќе се асфалтираат, а мостот наскоро ќе биде пуштен во сообраќај, објави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, споделувајќи видео од интензивните градежни активности.

Според Ѓорѓиевски, проектот бил одблокиран за неполна година, иако првично ветил дека мостот ќе биде ставен во функција во текот на неговиот четиригодишен мандат.






„Мостот ‘Генерал Михајло Апостолски’ наскоро во функција – зборот е збор! Ветив дека во мојот четиригодишен мандат ќе го ставиме во функција. Но само за неполна година, го одглавивме проектот и веќе ги асфалтираме пристапните улици со што ќе се стави во функција“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Тој посочи дека претходно бил решен проблемот со експропријацијата на земјиштето неопходно за изградба на пристапните улици, по што била ослободена трасата за продолжување на работите.

„Мостот што граѓаните го нарекуваа ‘мост за ловење риба’, конечно ќе ја добие својата вистинска намена!“, порача градоначалникот.

Според Ѓорѓиевски, со пуштањето на мостот ќе се овозможи полесно движење меѓу двете соседни општини, ќе се скрати времето на патување и ќе се растовари сообраќајот.

„Паралелно, продолжуваме со експропријацијата на преостанатиот дел од булеварот, сѐ до неговото целосно завршување. Нашата обврска е да го довршиме проектот во целост!“, напиша Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека работите продолжуваат и на останатиот дел од трасата, за целосно завршување на булеварот.

„Дадениот збор пред мојот народ го исполнуваме со работа, чесно и посветено. Со решавање на проблемите и со резултати што се гледаат!“, порача градоначалникот.

Во објавата Ѓорѓиевски не наведе точен датум за пуштање на мостот во сообраќај.

Поврзани содржини