🎥 ДРАМАТИЧНА ЕВАКУАЦИЈА НА УАПСЕНИОТ ЕКСПРЕТСЕДАТЕЛ НА ПАРАГВАЈ Сантијаго Пења префрлен во воена база по немирите пред неговиот дом

Пења, кој во петокот беше сменет од претседателската функција со импичмент, претходно беше уапсен и ставен во домашен притвор по наредба на Обвинителството, а поради колапсот на дигиталната банка „Уено“.

0

Поранешниот претседател на Парагвај, Сантијаго Пења, во текот на ноќта е итно префрлен во воен објект во главниот град Асунсион, откако демонстрантите ја надминаа безбедносната блокада пред неговата резиденција. Преместувањето е извршено поради безбедносни причини, во услови на сериозна политичка и финансиска криза во земјата, предизвикана од колапсот на дигиталната банка „Уено“ (Ueno Bank).

Пења, кој во петокот беше сменет од претседателската функција со импичмент, претходно беше уапсен и ставен во домашен притвор по наредба на обвинителството. Но, ситуацијата пред неговиот дом во квартот Мбурукуја во Асунсион ескалираше кога голем број демонстранти се собраа, барајќи тој да биде одведен во затвор. Според парагвајскиот медиум „Ултимахора“, полициските сили не можеле да гарантираат безбедност на објектот и на неговите жители.

Евакуацијата беше спроведена со три возила под засилена полициска придружба, околу полноќ. Демонстрантите реагираа со фрлање предмети кон возилата, а полицијата употреби сила и гумени куршуми за да ја растера толпата. Поранешниот претседател бил префрлен во седиштето на „Регимиенто Есколта Президенсијал“, воен објект кој служи за обезбедување на претседателот и на високи државни функционери. Според официјалните извори, таму ќе остане привремено, поради безбедносната ситуација.

Пења се соочува со кривична истрага поврзана со финансискиот скандал околу „Уено банк“. Обвинителството го истражува за сомнежи за злоупотреба на доверба, тргување со влијание и управување во сопствена корист. Истражителите ги проверуваат неговите претходни деловни врски со групацијата што ја поседува банката, како и прашањето за вложувањето јавни средства во финансиската институција. Пења претходно имал удел во „Уено холдинг“, кој го продал во април 2025 година.

Парагвајскиот Сенат во петокот гласаше за негово отстранување од функцијата поради „лошо извршување на должностите“. За импичментот гласаа 44 сенатори. По смената, досегашниот потпретседател Педро Алијана беше инаугуриран за нов претседател на државата. Пења претходно поднесе оставка, но парламентот не ја прифати. Доколку Конгресот ја прифатеше неговата оставка, Пења ќе станеше доживотен сенатор како поранешен претседател, што ќе му обезбедеше парламентарен имунитет.

Колапсот на „Уено банк“ предизвика сериозни потреси во Парагвај, откако милиони клиенти останаа без пристап до своите сметки. Меѓу засегнатите се и пензионери и институции кои имале вложено јавни средства во банката. Новиот претседател Алијана најави дека граѓаните погодени од финансискиот колапс ќе бидат целосно обесштетени.

Пења денеска во обвинителството во Асунсион треба да даде исказ во рамките на истрагата.

Налог за апсење беше издаден и за гувернерот на централната банка, Карлос Карваљо, како и за раководните лица на банката.

Во земјата има масовни протести.

Министерот за внатрешни работи Енрике Риера, шефот на кабинетот Хавиер Гименез и претседателскиот правен советник Роберто Морено поднесоа оставки.

Новиот претседател Алијана (52) е бизнисмен кој се смета за економски либерален и конзервативен. Исто како и Пења, тој ѝ припаѓа на Колорадо партијата, која со децении управува со Парагвај.






Поврзани содржини