ПОСЕБЕН СООБРАЌАЕН РЕЖИМ В САБОТА ВО ЦЕНТАР Ноќна трка ќе го пренасочи сообраќајот по околните улици
Повеќе улици и булевари во општина Центар ќе бидат опфатени со посебен сообраќаен режим поради трката „Центар најт ран“. Настанот почнува во 17 часот, додека полицијата ќе го регулира движењето на возилата долж трасата.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен утре, 7 ноември, во центарот на Скопје поради одржувањето на ноќната трка „Центар најт ран“ (Centar Night Run). Сообраќајот ќе се пренасочува по околните улици и булевари, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Спортско-рекреативната трка ќе почне во 17 часот, а учесниците ќе трчаат на патеки долги 5 и 21 километар.
Трасата почнува од улицата Орце Николов, кај зградата на Општина Центар и опфаќа делови од улицата Франклин Рузвелт, булеварот Илинден, булеварот Партизански одреди и булеварот Свети Климент Охридски.
Тркачите ќе се движат и по улиците Наум Наумовски Борче и Михаил Цоков, по што ќе се вратат на Орце Николов, каде што е предвидена целта.
На булеварот Свети Климент Охридски трката ќе се одвива по коловозната лента во насока север – југ, на делниците меѓу булеварите Партизански одреди и Илинден.
„Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници“, соопшти МВР.
Полицијата апелира до возачите и другите учесници во сообраќајот да ги следат упатствата на полициските службеници.