ЕВРОПА НЕ МОЖЕ ДА СЕ ДОГОВОРИ КОЈ ЌЕ ЗБОРУВА ВО НЕЈЗИНО ИМЕ Кремљ очека заеднички европски став за гаранциите за Украина

Москва смета дека европските земји сè уште не се подготвени за заеднички настап во разговорите за безбедноста на континентот. Кремљ признава дека без Европа нема да може да се постигне целосен договор за идните безбедносни гаранции.

95

Европските земји сè уште не можат да се договорат кој ќе ги претставува во идните разговори за безбедноста на континентот, тврди Кремљ. Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, ја обвини Европа за продолжена неодлучност и неподготвеност, иако призна дека нејзиното учество ќе биде неопходно за евентуален договор меѓу Русија и Украина, пренесе Ројтерс.

– Затоа ќе биде неопходна дискусија со Европејците. Но, како што гледаме, тие сè уште не успеале да се договорат кој може да зборува во нивно име. Гледаме само продолжена неодлучност и неподготвеност од таа страна – изјави Песков.






Неговата изјава следува по состанокот во Брисел меѓу претставници на САД, Украина, НАТО и европските партнери, на кој се разговарало за безбедносните гаранции за Украина и за идниот безбедносен поредок во Европа.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно зборуваше за можноста за „голем договор“, кој би можел да ја опфати цела Европа.

Песков изјави дека Москва засега не добила конкретни предлози од европската страна.

– Не добивме никакви идеи од европската страна. Не сме запознаени со нив – рече тој.

Според портпаролот на Кремљ, разговорите за меѓусебните безбедносни гаранции меѓу Русија и Украина неизбежно ќе го отворат и прашањето за идниот безбедносен систем на континентот.

– Секако, во одредена фаза ќе биде невозможно да се направи ова без Европејците – додаде Песков.

Од друга страна, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека неговата влада бара од западните сојузници конкретни гаранции за начинот на кој ќе функционира безбедносната поддршка по завршувањето на војната.

– Не станува збор за десетици точки, туку едноставно за разбирање на исходот: ако Русија повторно почне да напаѓа, што ќе се случи? Кој ќе направи што, со какви средства и кога? Овие одговори мора да бидат јасни, пред сè, за нас Украинците – рече Зеленски во интервју за украинската приватна телевизија „1+1“ доцна синоќа .

Зборувајќи за американската поддршка за Украина, Зеленски оцени дека е важно да се зачува поддршката и од демократите и од републиканците во Соединетите Американски Држави.

Поврзани содржини