СКОПСКИТЕ КАФУЛИЊА И РЕСТОРАНИ ЌЕ ФРЛААТ СМЕТ ДО 1 ПО ПОЛНОЌ Локалите ќе добијат сопствени контејнери и посебен термин

Измената на Одлуката за комунален ред е усвоена на последната седница на Советот на Град Скопје. Угостителите ќе мора да имаат сопствени контејнери и договор со „Комунална хигиена“.

26

Рестораните, кафулињата и другите угостителски објекти во Скопје ќе добијат посебен термин за фрлање смет – до 1 часот по полноќ. Со оваа измена, угостителите ќе можат да го одлагаат отпадот и по времето дозволено за домаќинствата, но ќе мора да користат сопствени контејнери и да имаат склучен договор со ЈП „Комунална хигиена“.

Новото правило е усвоено на последната седница на Советот на Град Скопје, по иницијатива на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, како дел од измените на Одлуката за комунален ред.






Од Градот објаснуваат дека посебниот термин е утврден поради работното време на угостителските објекти, но и поради видот и количината на отпад што го создаваат. Целта е рестораните и кафулињата да не ги полнат контејнерите наменети за домаќинствата, кои често се преполнуваат со отпад од угостителските објекти.

ЈП „Комунална хигиена“ веќе работи на склучување договори со угостителите. Тие ќе добиваат сопствени контејнери, а за собирањето и транспортот на отпадот ќе плаќаат според ценовникот на претпријатието.

Промената е дел од пошироките активности за подобрување на управувањето со отпадот во Скопје. Во тек е и набавката на 3.300 нови контејнери, со кои треба да се заменат оштетените и дотраените садови, но и да се зголеми бројот на места за правилно одлагање на сметот. Во комбинација со специјализираните комунални возила, новите контејнери треба да придонесат за поефикасно собирање на отпадот и подобра јавна хигиена.

Претходно, на 1 април беше донесена одлука со која угостителските објекти, канцелариите, пазарите и трговските субјекти се задолжени да склучат договор со ЈП „Комунална хигиена“ за собирање и транспорт на отпадот. Со истата одлука е предвидена и обврска отпадот да се селектира на местото каде што се создава, во посебни садови што не се наменети за домаќинствата.

За разлика од угостителските објекти, за станбените објекти останува да важи правилото сметот да се одлага во периодот од 6 до 22 часот. За непочитување на оваа обврска е предвидена казна од 50 евра.

Поврзани содржини