ТАТКО И СИН НА ФУДБАЛСКО ПАТУВАЊЕ Принцот Вилијам и Џорџ со редовен комерцијален лет беа во Шпанија за да го бодрат омилениот клуб
Таткото и синот биле забележани на трибините на стадионот „Камп Ноу“ во Барселона на 3 ноември, а нивното патување привлече внимание и поради тоа што патувале со редовна авионска комерцијална линија.
Принцот Вилијам и неговиот 13-годишен син Џорџ отпатувале во Шпанија со редовен комерцијален лет, за да го гледаат натпреварот меѓу Барселона и Астон Вила во Лигата на шампионите. Таткото и синот биле забележани на трибините на стадионот „Камп Ноу“ во Барселона на 3 ноември, а нивното патување привлече внимание и поради начинот на кој стигнале до Шпанија.
Според магазинот „Пипл“, на социјалните мрежи се појавила и видеоснимка на која се гледаат Вилијам и Џорџ во авион, со што било откриено дека не користеле приватен авион, туку патувале со редовна комерцијална линија.
Патувањето било организирано за време на училишниот распуст на Џорџ, кој во септември почна да го посетува престижниот машки интернат „Итон“. За двајцата ова била можност да поминат време заедно, но и да ја споделат љубовта кон фудбалот.
Вилијам е долгогодишен навивач на Астон Вила, а љубовта кон клубот им ја пренел и на своите три деца. Принцот претходно се шегувал дека неговите деца понекогаш мора да ги менуваат местата низ куќата кога тимот игра лошо, во надеж дека тоа ќе му донесе среќа на клубот.
Интересно е што заедничкото патување на Вилијам и Џорџ е спротивно на традиционалниот протокол на британското кралско семејство, според кој директните наследници на тронот не треба да патуваат со ист авион. Правилото било воведено од безбедносни причини, за во случај на несреќа да не бидат загрозени повеќе наследници одеднаш. За Вилијам ова правило почнало да важи кога наполнил 12 години и почнал да патува одделно од своите родители и помладиот брат.
Сепак, Вилијам и неговата сопруга Кејт во повеќе наврати покажале дека сакаат нивните деца да имаат што е можно понормално детство, и покрај нивните идни кралски должности. Изгледа дека во таа желба спаѓаат и обични патувања со авион, како и фудбалски вечери на трибините.