ГУГЛ, МЕТА И ТИКТОК ЈА ТУЖАТ КАЛИФОРНИЈА Не го прифаќаат новиот закон за заштита на децата

Во одделни тужби компаниита наведуваат дека со законот државата навлегува во нивната уредувачка слобода и ги ограничува одлуките за тоа како ќе се прикажува содржината на платформите.

47

Технолошките гиганти Гугл, Мета и Тикток отворија правна битка против Калифорнија, поднесувајќи тужби со кои бараат да се спречи спроведувањето на новиот закон за заштита на децата од ризикот од зависност од социјалните мрежи.

Законот, познат како Предлог-закон 1709, предвидува ограничување на функциите на дигиталните платформи кои можат да поттикнат компулсивно користење кај малолетниците под 16 години. Меѓу нив се автоматското пуштање видеа и персонализираните препораки за содржини, кои ги задржуваат корисниците подолго време на платформите – објави Гардијан. Со законското решение се предвидува и бришење на детските сметки што ги користат ваквите функции.






Гугл, Мета и Тикток во одделни тужби наведуваат дека со законот државата навлегува во нивната уредувачка слобода и ги ограничува одлуките за тоа како ќе се прикажува содржината на платформите. Компаниите сметаат дека Калифорнија ги става сопствените одлуки пред правото на родителите да одлучуваат за начинот на кој нивните деца ја користат технологијата.

Во тужбите се повикуваат на Првиот амандман на Уставот на САД, кој ја гарантира слободата на говорот, како и на Делот 230 од федералниот Закон за пристојност во комуникациите, кој ги штити онлајн платформите од голем дел од правната одговорност за содржините што ги објавуваат корисниците. Мета тврди дека Калифорнија не може да ги диктира нејзините уредувачки одлуки за изборот и прикажувањето на милијарди објави, особено кога на децата им е дозволено неограничено користење други онлајн платформи со слични услуги.

Тикток, пак, смета дека заштитениот говор не може да биде ограничен само затоа што законодавците одредена содржина или слики ги сметаат за несоодветни за младите. Од Гугл оценуваат дека законот е премногу широк и може да ги наруши системите што им помагаат на децата да пронајдат видеа соодветни за нивната возраст. Канцеларијата на јавниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта, соопшти дека ги разгледува поднесените тужби, нагласувајќи дека ќе продолжи да ги брани законите чија цел е заштита на децата во дигиталниот простор.

Законот го потпиша гувернерот Гевин Њусом на 10 септември. Тој тогаш порача дека безбедноста на децата мора да биде во центарот на дискусиите за технологијата и дека државата нема да остане пасивна пред ризиците што ги носат нерегулираните дигитални платформи. Неговата примена е предвидена од 1 јануари 2027 година, освен ако судот не донесе одлука за негово поништување или привремено запирање.

Законот предизвика реакции и кај организациите за дигитални права. Фондацијата за електронски граници предупреди дека ваквото регулирање може да создаде сериозни проблеми за приватноста и слободата на говорот. Дебатата за заштитата на децата на интернет станува сè поактуелна и во други земји. Австралија, на пример, воведе забрана за користење социјални мрежи за деца под 16 години.

Правната битка во Калифорнија отвора пошироко прашање за границата меѓу одговорноста на технолошките компании, родителската контрола и државната регулација, во време кога сè поголем дел од секојдневието на младите се одвива на дигиталните платформи. Гугл е сопственик на Јутјуб и е дел од компанијата Алфабет, додека Мета ги поседува Фејсбук и Инстаграм. Тикток е дел од кинеската компанија Бајт Денс.

Поврзани содржини