Мезе-маса или шведска маса
Ова што ѝ се случува на Македонија со источниот сосед е најмалку евроинтегративно или политичко или не-знам-какво детско прашање. Тоа е апсолутно безбедносно прашање што влијае на безбедносните состојби во државата и регионот, а е решливо за пет минути. Ако се сака, се разбира.
Веројатно не само јас туку и некој друг, ако не и пошироката јавност, многу би сакале да бидеме просветлени за што, како и по кои тоа важни прашања одлучувала „нашата“ (навидум) „висококотирана“ претставничка во дувлото на нато (малите букви се соодветни на злосторничката реалност на таа „организација“)? Или пак нејзините детски мечти за седењето на важни маси и одлучувањето за круцијални за светот прашања е само невешт извадок од нејзината омилена бајка викана „Црвенкапче“ што треба да го одбранат нејзиното губење време (и наши пари) во Брисел?
Или, можеби ние не знаеме ама таа успеала да ја сопре војната во Иран? Или масакрите во Газа? Но, да решаваше навистина нешто важно, зарем ќе бевме на ова дереџе со неофашистичките уцени на источниот ни сосед, исто така седнат на „важната“ маса? Или, ете, само тоа важно прашање не успеала да го реши иако „на темите за безбедност ние сме на масата“?!
И, извинете, логично би било прашањето: а зошто не? Зашто токму на таквите маси, повторно и по којзнае кој пат, учиме дека не се сите еднакви, ни според приоритетите ниту пак според важноста? Тогаш: што ако седиме на масата? И кому му служи таа седенка? На личните ќефови и некаков провинциски престиж?
Јас и претходно, во неколку наврати, пишував дека ова што ѝ се случува на Македонија со источниот сосед е најмалку евроинтегративно или политичко или не-знам-какво детско прашање. Тоа е апсолутно безбедносно прашање што влијае на безбедносните состојби во државата и регионот, а е решливо за пет минути. Ако се сака, се разбира. И, нормално, знам дека тоа нато (малите букви се…) не се занимава со билатерални спорови, што е прилично наивно, да не речам глупаво. Бидејќи тоа значи дека – како во случајов – две членки можат очи да си извадат ама „главешините“ ќе си гледаат сеир? И тоа е за некого – нормално?
Но, од друга страна, ова воопшто не е ни таков спор! Овој „спор“ веќе утре може да ја загрози ефикасноста на некои нато операции во регионот или пошироко. И командата на нато и понатаму ќе ја држи главата во песок? Или некој мисли поинаку? Баш би сакал да слушнам.
Но добро, можеби ова прашање за неа е преголем залак, но повторно: кое тоа (друго) важно прашање што го решила? И зошто ние не знаеме за тоа?
И кога вели дека „има теми, особено подолгорочните, за кои од време на време мора да направиш и некоја согласност“, на што мисли? Повторно на источниот сосед и неговите уцени, на кои што Македонија мора да наведне глава зашто „тоа не е предавство, не е попуштање, ниту компромис во смисла во која кај нас тој збор се доживува како срамен“? Не, не е, тоа е нешто уште пострашно, посрамно од срам, поголемо од предавство! Тоа е како заедно да ја туркате државата во бездна а не напред (како што сака таа да ни наметне)!
Само човек кој е тотално одлепен од реалноста, збрлавен од лажната моќ и големина и апсолутен дунстер за историјата на својата држава може да мисли дека европските институции се некаква шведска маса од која што оние кои кружат околу неа земаат што сакаат и колку сакаат. Тоа е само уште една лажна слика за онаа еу (малите букви се…) во која дури и денес непроменети живуркаат неоимперијалистичките апетити. А во нив Македонија секогаш била мезе-маса за гоштевање на нивната неизмерна глад. Денес особено.
Ќе остане „тајна“ – не за долго, се разбира, но сепак – како и зошто една група луѓе кај нас речиси механички (пре)повторува едни исти флоскули за македонскиот евроинтегративен пат, ни ги цитира како од некаква света книга зборовите и „препораките“ (но и уцените и заплашувањата) на оние неколкумина еу-официозуси правејќи се дека не ги знаат нивните биографии и политикантски достигнувања, делувајќи во крајна линија како некакви незванични амбасадори на добра воља на таа и таква еу (малите букви се…) во сопствената држава. А истото, впрочем, го повторуваат до детали и со (веќе скандалозните) постапки на источниот и јужниот сосед контра Македонија.
Како да им се брза некаде, како да имаат рок за исполнување на некаква непозната агенда, вешто сокриена под превезот на загриженост заради измислицата наречена „само-блокада“, гилотината викана „исполнување на обврските на државата“ и слични будалаштини.
Од друга страна, не им значат ништо ни јавните геополитички сигнали токму од таа еу во однос на преференците за иднината на Европа, уште помалку пак веќе отворените критики и внатре во унијата (малите букви се…) за односот кон Македонија и фаворизирањето на плановите на налудничавата меншевичка Калас или воените театри на профитерката фон дер Лајен. Или, на пример, како одеднаш љубимата им молдавска инсталација викана Маја Санду срипа од сон и посака да се спои со Романија? Им говори ли тоа нешто? Или сѐ погласните планови за растурање на онаа вештачка БиХ и окрупнување на Хрватска и Србија?
Па во тој контекст, не успеваат ли да ги видат плановите и за Македонија токму во таа насока на политиките на окрупнување на некои држави наспроти расцепканоста на мали „феуди“? За нив нема место на шведската маса.
И понатаму, не ги слушаат ли критиките на првите луѓе на некои членки на унијата за свесно блокирање на Македонија на евроинтегративниот пат? На пример хрватскиот премиер Пленковиќ и коментарот дека две држави членки на Европската Унија ѝ одзеле на Македонија 21 година од нејзиното институционално приближување кон унијата? Само што Пленковиќ греши: ние сме блокирани уште од онаа 1992 година, што ќе рече – цели 34 години.
Извор: Теодосиевски уметност