КРИУМЧАРЕЛЕ НАД 500 МИГРАНТИ И ЗАРАБОТИЛЕ 750.000 ЕВРА Грчката полиција разби криминална мрежа, уапсени 10 лица

Мигрантите од Непал, Јемен и Кина пеш ја преминувале границата од Албанија, по што добивале сместување, храна и СИМ-картички, за кои плаќале високи суми. Полицијата расчистила 41 случај на криумчарење.

49

Грчката полиција разби криминална организација која нелегално пренесувала мигранти во Грција. Расчистен е 41 случај на криумчарење над 500 мигранти, а уапсени се десет лица кои на овој начин незаконски заработиле повеќе од 750.000 евра.

Од грчката полиција соопштија дека во акцијата, спроведена во Солун и во областа Теспротија, во северозападниот дел на Грција, биле уапсени тројца странски и седум грчки државјани. Тие, најмалку од јуни 2025 година, биле здружени во криминална организација која дејствувала во Грција и надвор од нејзините граници.






Мигрантите пеш и нелегално влегувале во земјата, по што добивале привремено сместување – во објекти за престој или во импровизирани шатори поставени во планинските предели на Теспротија. Им биле обезбедувани храна, вода и СИМ-картички за мобилни телефони, за кои плаќале исклучително високи суми. Потоа, со меѓуградски автобуси биле превезувани до Атина и Патра или заминувале во странство.

Членовите на криминалната мрежа често им ги задржувале пасошите на мигрантите што ги пренесувале.

Според грчките медиуми, мигрантите потекнувале од Непал, Јемен и Кина, а во Грција влегувале пеш од Албанија, преку нелегални и тешко проодни планински премини.

За време на полициските операции, како и при претресите на три станбени и еден угостителски објект, биле пронајдени и запленети три автомобили, пари и пасоши.

Паралелно со акцијата, биле уапсени и 21 странски државјанин кои немале документи со кои би го докажале законскиот престој во Грција.

Според полициските процени, незаконската финансиска корист што ја остварила криминалната организација изнесува најмалку 750.000 евра.

Акцијата била спроведена во соработка со Европол, во рамките на Националниот оперативен план, кој е дел од програмата EMPACT 2.2 EAST MED на Европската Унија за борба против организираниот криминал.

Поврзани содржини