ЗА ЗАДУШНИЦА ПОСЕБЕН СООБРАЌАЕН РЕЖИМ ВО СКОПЈЕ Еднонасочно и кружно околу Градските гробиша Бутел
Возилата ќе се упатуваат по улицата „Бутелска“, лево по „Александар Урдаревски“, потоа лево по „Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен утре, сабота, на улиците кои водат кон гробиштата во Скопје поради верскиот празник Задушница, информира Министерството за внатрешни работи.
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени сообраќајни мерки за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот, со почеток од 6 часот.
Кон градските гробишта Бутел сообраќајот ќе се одвива еднонасочно, кружно. Возилата ќе се упатуваат по улицата „Бутелска“, лево по „Александар Урдаревски“, потоа лево по „Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата.
За излез од гробиштата, возилата ќе се движат десно по „Боца Иванова“ до кружниот тек со „Бутелска“, потоа лево по „Бутелска“ и десно по улицата „Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен и кај гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници на сообраќајниците опфатени со посебниот режим.