МАКЕДОНИЈА МЕЃУ ЗЕМЈИТЕ СО НАЈНИСКА ЦЕНА НА СТРУЈАТА ВО ЕВРОПА Ирците плаќале највисока цена во првата половина од годинава
За домаќинствата во Ирска, трошокот по kWh бил за 37% повисок од просечната цена во ЕУ, додека домаќинствата во Унгарија, Малта и Бугарија плаќале помалку од половина од просечната цена во ЕУ.
Македонија со цена на електричната енергија од 11,6 евроценти е во земјите со најниска цена во Европа во првата половина на годинава. Ирска во првата половина на годинава имала највисоки цени на електричната енергија, од 0,39 евра за kWh.
Ова го покажуваат податоците на Евростат објавени во серијалот „Statistics Explained“ (Објаснети статистики) посветен на цените на електричната енергија. Во неа цените на електричната енергија за домаќинствата вклучуваат даноци, давачки, неданочни давачки, такси и данок на додадена вредност (ДДВ), бидејќи тоа генерално ја одразува вкупната цена што ја плаќаат домаќинствата. За потрошувачите од категоријата домаќинства во ЕУ во се земени потрошувачи со средна големина, со годишна потрошувачка помеѓу 2.500 киловат-часа (kWh) и 5.000 kWh).
Во првата половина на 2026 година, просечната цена на електричната енергија за домаќинствата во ЕУ се намали за 2,2% на 0,28 евра, што е пад од 0,29 евра за kWh во втората половина на 2025 година. Но, цената остана значително над нивоата од пред енергетската криза во 2022 година.
Истовремено, даноците и давачките исто така благо се намалија, при што нивниот удел во конечната сметка опадна за 0,5 процентни поени – од 28,9% во втората половина на 2025 година на 28,4% во првата половина на 2026 година.
Ирска на врвот на листата на цените на струјата во ЕУ
Во првата половина на 2026 година, цените на електричната енергија за домаќинствата се зголемија во 13 земји на ЕУ, се намалија во 11, а останаа релативно стабилни во 3 земји, во споредба со првата половина на 2025 година.
Шест земји имаат цени на електричната енергија повисоки од 0,30 евра за kWh, додека пет земји забележаа цени под 0,20 евра за kWh.
Ирска во првата половина на годинава имала највисоки цени на електричната енергија, од 0,39 евра за kWh, по што следуваат Германија и Белгија (двете со 0,36 евра).
Најниски цени бележат Унгарија (0,11 евра), како и Малта и Бугарија (по 0,13 евра).
За домаќинствата во Ирска, трошокот по kWh бил за 37% повисок од просечната цена во ЕУ, додека домаќинствата во Унгарија, Малта и Бугарија плаќале помалку од половина од просечната цена во ЕУ.

Во првата половина на 2026 година, меѓу земјите од ЕУ, уделот на даноците и давачките во цените на електричната енергија за домаќинствата бил најмал во Холандија (-9,9 %), по што следува Малта (5,9 %). Највисоки удели се забележани во Полска (46,9 %) и Германија (34,0 %).
На ниво на ЕУ, даноците и давачките сочинувале 28,4 % од вкупната цена на електричната енергија за домаќинствата во првата половина на 2026 година, што претставува намалување за 0,5 процентни поени во споредба со втората половина на 2025 година. ДДВ учествувал со 15,1 % во вкупната цена на ниво на ЕУ, при што овој удел се движел од 4,7 % во Малта до 21,2 % во Унгарија.
Цените на електричната енергија за домаќинствата остро пораснаа во Романија (+51,6% во споредба со првата половина на 2025 година), Ирска (+19,8%) и Финска (+18,4%).
Од друга страна, некои земји забележаа остар пад, особено Данска (-31,7%) и Луксембург (-24,1%).
Западен Балкан ги задржа цените на струјата речиси на исто ниво
Цените на струјата во Западен Балкан останале речиси исти, со незначителни зголемувања. Највисока цена имаат Србија и Албанија, со по 11,9 евроценти за 100 киловат-часови (околу о,12 евра). Веднаш зад нив е Македонија, каде што електричната енергија чини 11,6 евроценти (о,11 евра).
Во Црна Гора цената изнесува 10,3 евроценти (0,10 евра), додека во Босна и Херцеговина е 9,9 евроценти (о,9 евра) за 100 киловат-часови.
Куповната моќ и цената на струјата
Цените на електричната енергија, пресметани според стандардот на куповна моќ (PPS), во првата половина од годинава највисоки биле во Романија (46,9 на 100 kWh), Полска (41,1) и Чешка (34,3).
Најниски цени на електричната енергија, според стандардот на куповна моќ, се забележани во Малта (13,8), Унгарија (14,7) и Луксембург (15,5).
Западен Балкан, според овој критериум, повторно во друштво на земјите со најниски цени, но Македонија оди малку повисоко на листат. Цената на струјата, според куповната моќ во земјава изнесува 22,4 на 100 киловат часови, во Србија (19,1), Албанија (18,2), Црна Гора (17,9) и во Босна и Херцеговина (17,8). За Косово нема статистички податоци.
