📽️ 📷 СКОПЈЕ ЌЕ ДОБИЕ 6.000 НОВИ ДРВЈА Почна акцијата за засадување 3.500 садници низ градот

Во првата фаза ќе бидат засадени 3.500 садници, а до крајот на сезоната за садење градот треба да добие вкупно 6.000 нови дрвја на паркови, булевари и други јавни површини.

0

СКОПЈЕ ЌЕ ДОБИЕ 6.000 НОВИ ДРВЈА / Почна акцијата за засадување 3.500 садници низ градот

Град Скопје започна голема акција за засадување 3.500 садници на повеќе локации низ градот, а до крајот на сезоната за садење се очекува бројот на нови садници да достигне 6.000. Акцијата опфаќа обновување на постојното зеленило и раззеленување на парковите, булеварите и другите јавни површини во сите скопски општини.






Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски порача дека секое ново дрво претставува вложување во иднината на градот и во поквалитетната животна средина за генерациите што доаѓаат.

– Секое ново дрво е влог во градот во кој живееме и во иднината на нашите деца. Повеќе сенка за летните денови, почист воздух и повеќе зелени места за прошетки, игра и дружење. Ги опфаќаме постојните паркови, новите паркови што ги подигаме, зелените површини долж булеварите и јавните простори низ целиот град. Во секоја општина, за секое маало, за сите скопјани – изјави Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека секое засадено дрво е придонес кон поздрав и поубав град, посочувајќи дека целта е зад себе да останат зелени површини што ќе се одржуваат и ќе им служат на идните генерации.

– Секој засаден корен денес е ветување за поздраво и поубаво утре. Зад нас нека останат дрвја што ќе растат, паркови што ќе живеат и дела што ќе траат. За Скопје што дише. За генерациите што доаѓаат – порача градоначалникот.

Ѓорѓиевски истакна дека Скопје се сака со дела и дека посветено работи на создавање позелено и почисто Скопје, што, како што нагласи, е еден од неговите приоритети.

Поврзани содржини