БРИСЕЛ ГИ ПРЕПОЗНА ЗАКОНСКИТЕ РЕФОРМИ ВО ПРАВОСУДСТВОТО Позитивно оценети законите за Судскиот совет, обвинителите и за судските постапки

Министерството за правда соопшти дека Европската комисија нотирала повеќе достигнувања во законските и институционалните реформи. Меѓу нив се спроведувањето на Стратегијата за реформа на правосудството и подготовката на Патоказот за владеење на правото.

0

Напредокот во спроведувањето на Стратегијата за реформа на правосудството 2024–2028, новите закони за Судскиот совет и за Советот на јавните обвинители, како и законските измени поврзани со платите и судските постапки се меѓу позитивните достигнувања што ги нотира Европската комисија во Извештајот за 2026 година, соопшти Министерството за правда.

Според Министерството, Европската комисија го препознала напредокот во усогласувањето на законската и институционалната рамка со европските стандарди.






„Меѓу позначајните достигнувања се напредокот во спроведувањето на Стратегијата за реформа на правосудството 2024–2028, донесувањето на новиот Закон за Судскиот совет, кој во голема мера ги адресира препораките на Венецијанската комисија, како и донесувањето на новиот Закон за Советот на јавните обвинители“, се наведува во соопштението.

Како позитивни поместувања се посочуваат и донесувањето на законите за платите на судиите и јавните обвинители и новиот Закон за парничната постапка. Министерството наведува дека се нотирани и напредокот во подготовката на Патоказот за владеење на правото и општата усогласеност на законската рамка за основните права со европските стандарди.

„За Министерството за правда, овие оценки претставуваат потврда за постигнатите резултати, но и  дополнителна обврска за продолжување на реформите“, се истакнува во соопштението.

Министерството најавува дека во следниот период особено внимание ќе посвети на примената на законските решенија и на исполнувањето на препораките на Европската комисија.

„Вистинскиот успех на реформите не се мери само преку донесените закони, туку и преку нивното влијание врз функционирањето на институциите и остварувањето на правата на граѓаните“, нагласуваат од Министерството за правда.

Поврзани содржини