„МАЈК САМО Ѝ ВЕЛЕШЕ ДА МЕ УДИРА, И ТОА ПОСИЛНО“ Дастин Хофман открива каков пекол преживеал на снимањето на „Дипломец“, по 27 шамари му пукнало тапанчето
Речиси 60 години по премиерата на филмот што му ја промени кариерата, актерот открива дека зад култната приказна се криело едно од најтешките снимања во неговиот живот. Режисерот Мајк Николс го довел до постојана несигурност, а една сцена со шамари завршила со повреда на увото.
Дастин Хофман открива дека снимањето на култниот филм „Дипломец“ од 1967 година било „страшно искуство“, иако токму оваа улога го лансирала меѓу најголемите холивудски ѕвезди. Во извадок од неговите претстојни мемоари „Look at Me“, објавен во „Њујоркер“, 89-годишниот актер раскажува за постојаната вознемиреност и чувството дека не заслужува да биде во главната улога.
Хофман сметал дека воопшто не е вистинскиот избор за ликот на Бенџамин Бредок – млад, богат, спортски тип, типичен Американец, каков што го замислувал авторот на романот. Актерот се прашувал зошто токму тој, со своето еврејско потекло и изглед, бил избран да го игра ликот. Иако пробите со режисерот Мајк Николс првично биле одлични, тврди дека неговото однесување драстично се променило кога започнало снимањето.
– Мајк беше раздразлив со сите, но кон мене како да се вовлече во одреден садизам – напишал Хофман. Како најдрастичен пример ја издвоил сцената во која неговиот лик добива шлаканица од Елејн, која ја игра Кетрин Рос. Николс барал да ја повторуваат сцената дури 27 пати, постојано инсистирајќи Рос да го удира посилно. Таа се плашела дека ќе го повреди, а Хофман ја замолил само да внимава да не го погоди во увото. Сепак, неколку удари завршиле токму таму, а актерот на крајот од денот добил вртоглавица.
Најлошото дошло следниот ден, за време на снимањето под вода во базен. Кога излегол на површината, забележал крв што му течела од увото. Подоцна открил дека му било пробиено тапанчето, повреда за која верувал дека е последица на шамарите од претходниот ден и притисокот на водата. Иронично, сцената со шамарот за која биле потребни 27 повторувања воопшто не била вклучена во финалната верзија на филмот.
Хофман раскажува и дека често мислел дека Николс ќе го отпушти, а пријателот и театарски режисер Улу Гросбард, кој го посетил на снимањето, подоцна му пренел дека Николс наводно жалел што го избрал за улогата. Актерот дури му рекол дека никогаш повеќе не сака да сними филм. И покрај тоа, „Дипломец“ стана еден од најпознатите филмови на своето време, доби седум номинации за „Оскар“, а Николс ја освои наградата за најдобра режија.
Во своите мемоари Хофман се навраќа и на тоа како филмот, според него, бил своевиден автопортрет на Николс, а тој самиот служел како некој вид замена преку која режисерот ги проектирал сопствените несигурности. Книгата „Look at Me“, напишана во соработка со новинарката Ариел Леви, треба да излезе на 10 ноември.