НОВИ СОЗНАНИЈА ЗА АЛЦХАЈМЕРОВАТА БОЛЕСТ Можеби започнува во носот, а не во мозокот

Може ли Алцхајмеровата болест да започне во носот? Нови истражувања откриваат можна врска меѓу инфекциите, загадувањето на животната средина и промените во мозокот.

0

Алцхајмеровата болест можеби започнува многу порано отколку што досега се претпоставуваше, и тоа на неочекувано место – во носот. Новите научни истражувања отвораат можност дека одредени инфекции и загадувањето на воздухот би можеле да имаат улога во процесите што доведуваат до промени во мозокот карактеристични за оваа болест, пишува британскиот Wales Online.

За оваа теорија зборуваше и британската математичарка и телевизиска водителка професорката Хана Фрај, позната и по учеството во емисијата „Селебрити Трејторс“. Таа, која го загубила својот татко поради Алцхајмерова болест во 2025 година, во својата колумна за списанието „Њу саентист“ се осврнала на истражувањата што ја поврзуваат носната празнина со процесите во мозокот.






Фрај објаснила дека мозокот е добро заштитен во черепот и дека има малку места преку кои може да дојде во контакт со надворешната средина. Едно од нив е токму носот. Зад очите, во основата на черепот, се наоѓаат ситни отвори низ кои минуваат мирисните нерви, овозможувајќи ни да го препознаваме мирисот.

Според теоријата што ја разгледуваат научниците, овој пат би можел да биде една од можните влезни точки за микроорганизми кои потоа би стигнале до мозокот.

Експерименти со глувци откриле интересни промени

Едно од истражувањата што го привлекло вниманието на Фрај било спроведено врз глувци. Научниците им внесувале во носот бактерија Chlamydia pneumoniae, која може да предизвика пневмонија кај луѓето.

На нивно изненадување, во рок од 72 часа бактеријата стигнала до мозокот на животните и предизвикала воспалителна реакција, како и создавање наслаги слични на оние што се забележуваат кај мозокот на луѓето со Алцхајмерова болест.

Но, ова не е единственото истражување што ја поврзува околината со промените во мозокот.

Фрај посочила и истражувања на кучиња скитници во Мексико, кои живеат во градови со високо ниво на загадување. Кај нив биле пронајдени ситни честички метали во мозокот, околу кои имало наслаги и воспалителни реакции слични на оние забележани кај Алцхајмеровата болест.

Истражувачите испитувале и млади луѓе кои пораснале во силно загадени средини. Кај нив биле забележани слични обрасци, што дополнително ја поттикнало претпоставката дека честички од околината, кои преку дишењето навлегуваат во организмот, би можеле да предизвикаат воспалителни процеси во мозокот.

Дали болеста навистина започнува во носот?

Иако овие откритија се интересни, важно е да се нагласи дека научниците сè уште немаат доказ дека Алцхајмеровата болест започнува во носот. Истражувањата покажуваат можни механизми и врски, но не и докажана причина за развој на болеста кај луѓето.

Познато е дека кај дел од пациентите со Алцхајмерова болест се јавува намалување или губење на сетилото за мирис, понекогаш и пред да станат очигледни проблемите со меморијата. Сепак, тоа не значи дека секој што има проблеми со препознавањето мириси ќе развие деменција.

Алцхајмеровата болест е прогресивно невродегенеративно заболување и најчеста причина за деменција. Нејзините рани знаци најчесто вклучуваат заборавање на неодамнешни настани, тешкотии во пронаоѓањето зборови, повторување на исти прашања и проблеми со секојдневните активности.

Новите истражувања за врската меѓу носот, инфекциите и мозокот би можеле да помогнат во подоброто разбирање на тоа како започнува болеста и дали во иднина ќе биде можно нејзино порано откривање и спречување.

Поврзани содржини