МЕЃУНАРОДНО ПРИЗНАНИЕ ЗА МАКЕДОНСКАТА АНАЛОГНА АСТРОНАУТКА Мартина Димоска доби престижна награда за придонесот кон развојот на вселенската заедница

Признанието „Global Rising Star“ е наменето за волонтери на организацијата кои со својата долгогодишна посветеност придонесуваат за развојот на вселенската заедница, образованието, лидерството и отворањето можности за новите генерации.

42

Македонската инженерка и професионалка во областа на човечките вселенски летови ја доби наградата „Global Rising Star Award 2026“ на Советот за советување на вселенската генерација (SGAC), признание за нејзината долгогодишна работа, лидерство и придонес во развојот на вселенската заедница. Наградата ѝ беше доделена во рамките на 24. Конгрес на вселенската генерација во Анталија, Турција.

– Неверојатно сум почестена што ја добив наградата ‘Global Rising Star Award 2026’ – објави Димоска, изразувајќи благодарност до организацијата и до сите што ја поддржувале на нејзиниот професионален пат.






Таа посебно нагласува дека признанието има големо значење за неа бидејќи доаѓа од Балканот, регион во кој можностите за професионален развој во вселенскиот сектор сè уште се ограничени.

– Талент има насекаде, но можности нема. Ајде да го промениме тоа – порача Димоска.

Наградата ја доделува SGAC, меѓународна непрофитна организација основана во 1999 година, која ги претставува младите професионалци од вселенскиот сектор пред Обединетите нации, вселенските агенции, индустријата и академската заедница. Организацијата има постојан набљудувачки статус во Комитетот на ОН за мирољубиво користење на вселената.

Признанието „Global Rising Star“ е наменето за волонтери на организацијата кои со својата долгогодишна посветеност придонесуваат за развојот на вселенската заедница, образованието, лидерството и отворањето можности за новите генерации.

Нејзината приказна е особено интересна и поради тоа што Димоска е една од ретките Македонки кои професионалната кариера ја изградиле во меѓународниот вселенски сектор. Родум е од Кичево и е првата жена аналогна астронаутка од Балканот. Аналогните астронаути учествуваат во мисии на Земјата кои ги симулираат условите во вселената, со цел да се тестираат технологиите, процедурите и издржливоста на човечкиот организам пред вистински мисии на Месечината или Марс.

Нејзиното образование започнува на Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде што дипломирала инженерство на материјали и нанотехнологии. Потоа се усовршувала во САД, на Кент стејт универзитетот и на Флорида институтот за технологија, а магистерските студии по вселенски науки ги завршила на Меѓународниот вселенски универзитет во Стразбур, Франција.

Во досегашната кариера учествувала во повеќе аналогни мисии во Европа и САД, во кои имала различни одговорности, од член на екипажот до командни и инженерски позиции. Нејзината работа опфаќа човечки вселенски летови, истражување на човечките фактори во екстремни услови и развој на технологии за идните вселенски експедиции.

Особено значајна е и нејзината работа преку „International Space Alliance“ (ISA), меѓународна организација која ја започнала токму од Кичево, со цел да отвора можности за образование, обуки, практично искуство и меѓународни партнерства за младите заинтересирани за вселенските науки. Димоска е и национално контакт-лице на SGAC за Македонија, во рамките на европскиот регион, а со години се залага за формирање официјални македонски тела и институции во вселенскиот сектор.

Таа е и дел од тимот што ја основал Граѓанско-научната космичка агенција на Македонија (ГНКА), која е граѓанска и научна иницијатива. Димоска денес професионално работи во областа на човечките вселенски летови и соработува со институции поврзани со американскиот вселенски сектор, со фокус на програмите за идните мисии. Нејзината цел е стекнатото знаење и меѓународните контакти да ги искористи и за создавање подобри можности за младите во Македонија.

Поврзани содржини