НАД 2,35 МИЛИЈАРДИ ДЕНАРИ ЗА ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ Фондот исплатил рекордна сума за породилни надоместоци во октомври

Во октомври Фондот за здравствено осигурување исплатил 621,3 милиони денари за боледувања и породилни отсуства, а само за породилни надоместоци биле издвоени 467 милиони денари – над 25 проценти повеќе отколку во септември.

60

Над 2,35 милијарди денари исплатил Фондот за здравствено осигурување во периодот од јули до октомври годинава за надоместоци за боледувања и породилни отсуства. Само во октомври се исплатени повеќе од 621 милион денари, а најголемиот дел од средствата – над 467 милиони денари биле наменети за породилни надоместоци. Според Фондот, станува збор за највисоката месечна исплата за оваа намена во последните четири месеци.

Фондот за здравствено осигурување го заврши октомври 2026 година со исплатени 621.383.663 денари за надоместоци на плата по основ на привремена спреченост за работа и породилно отсуство.






Од вкупната сума, 467.074.428 денари биле исплатени за породилни надоместоци, додека 154.309.235 денари биле наменети за надоместоци за боледување.

Октомвриската исплата за породилни надоместоци е највисока во периодот од јули до октомври 2026 година, а во споредба со септември бележи раст од над 25 проценти.

Но, финансиските показатели не се однесуваат само на октомври. Во четирите месеци, од јули до октомври, Фондот исплатил вкупно над 2,35 милијарди денари за боледувања и породилни отсуства. Од нив, над 1,66 милијарди денари се однесуваат на породилни надоместоци.

Од Фондот посочуваат дека овие бројки ја покажуваат финансиската димензија на една од нивните клучни обврски – да им овозможат на осигурениците континуирано да ги остваруваат законски загарантираните права.

„За Фондот, успехот не се мери само со висината на исплатените средства, туку и со сигурноста што ја носи нивната навремена исплата“, наведуваат од институцијата.

Оттаму додаваат дека зад секој исплатен надоместок стои конкретно право, а зад секое право – човек, родител или семејство за кое финансиската предвидливост има особено значење.

Раководството на Фондот, предводено од генералниот директор м-р Златко Перински, како што се наведува во соопштението, е определено редовноста на исплатите да стане траен принцип на работење. Тоа, според Фондот, подразбира одговорно управување со средствата и непречено исполнување на останатите обврски на институцијата.

„Средствата на здравственото осигурување им припаѓаат на осигурениците. Обврска на Фондот е тие да се користат законито, одговорно и навремено, во функција на остварување на нивните права“, истакнуваат од Фондот.

Во наредниот период институцијата најавува дека ќе продолжи да работи на подобрување на организацијата, зголемување на ефикасноста при обработката на барањата и одржување стабилна динамика на исплатите.

„Нашата цел е едноставна: осигурениците да не ја доживуваат навремената исплата како посебна вест, туку како сигурност на која можат да сметаат“, порачуваат од Фондот.

Поврзани содржини