ЌЕ СУДАТ ВО „ЛА ЛИГА“, АМА И ЌЕ ПЕАТ ПРЕД КАМЕРИТЕ Шпанија најде начин да го одбрани имиџот на судиите
Шпанската фудбалска лига воведува нов начин на комуникација со јавноста - судиите ќе даваат интервјуа и по завршувањето на натпреварите. Целта е да се подобри нивниот имиџ.
Судиите во шпанското фудбалско првенство повеќе нема да ги слушаме само преку свирчето. Ла Лига реши да ги испрати и пред телевизиските микрофони по натпреварите, во обид со поголема отвореност да го заштити нивниот углед.
Новината ќе почне да се применува викендов, во 11. коло од првенството, откако судиите од почетокот на сезоната веќе даваат кратки интервјуа пред почетокот на натпреварите.
Според шпанскиот весник „АС“, договорот е постигнат меѓу Ла Лига, Шпанската фудбалска федерација и здружението на судиите.
За почеток, телевизиите DAZN и Movistar+ ќе имаат право на по едно интервју со судија во секое коло. Тоа значи дека по завршувањето на натпреварите ќе зборуваат најмалку двајца судии, а не сите арбитри што суделе во колото.
Едно од првите интервјуа е предвидено по баскиското дерби меѓу Атлетик Билбао и Реал Сосиедад, кое ќе се игра в недела од 21 часот на стадионот „Сан Мамес“.
Наместо молк, одговори пред камерите
Досега, по спорните одлуки најчесто зборуваа тренерите, фудбалерите, клупските функционери и навивачите. Судиите, пак, ретко имаа можност непосредно по натпреварот јавно да ја објаснат својата страна.
Со новиот пристап, шпанските фудбалски власти сакаат да ја намалат дистанцата меѓу арбитрите и јавноста и да покажат дека судиските одлуки не мора да останат без објаснување.
Според извештаите на шпанските медиуми, договорот предвидува и колективен аудиовизуелен надомест од 500.000 евра за судиите што ќе учествуваат во телевизиските активности.
Сепак, новиот формат не значи дека секој судија ќе мора да одговара на прашања по секој натпревар. Во почетната фаза интервјуата ќе бидат ограничени на два натпревара во колото.
АИ ги избира спорните моменти
Интервјуата се само еден дел од пошироките промени со кои шпанскиот фудбал се обидува да го направи судењето поразбирливо за јавноста.
Од минатата сезона постои емисијата „Tiempo de Revisión“ („Време за преглед“), во која Судиската комисија ги анализира најспорните ситуации од натпреварите и јавно објаснува дали одлуките биле правилни.
Интересно е што од оваа сезона изборот на ситуациите за анализа ѝ е доверен на вештачка интелигенција. Наместо комисија од поранешни фудбалери и тренери, компјутерски систем ги издвојува најзначајните спорни моменти од секое коло.
Во тие анализи судиската организација може и јавно да признае дека некој арбитер погрешил.
Шпанската лига годинава воведе и официјална топка со вграден сензор, кој го регистрира моментот на допир со топката. Податоците се користат за попрецизно утврдување на ситуациите при кои се применува полуавтоматската технологија за офсајд.
Така, покрај камерите и ВАР, во шпанскиот фудбал сè поголема улога добиваат и алгоритмите.
Новите интервјуа треба да покажат дали на судиите, покрај технолошката помош, ќе им помогне и нешто многу поедноставно — можноста самите да зборуваат за своите одлуки.