ЧЕТИРИ ЧЛЕНКИ НА ЕУ ЈА КРЕНАА РАЧНАТА СО КАНАДА Берлин, Париз, Рим и Атина не го прифаќаат статусот придружна членка
Пред самитот во Монтреал, четири земји членки се спротивставија на предлогот на Урсула фон дер Лајен, а Германија предупредува дека новата формулација би можела да создаде забуна околу европската перспектива на Украина.
Германија, Франција, Италија и Грција се против предлогот Канада да добие статус на придружна членка на Европската Унија, бидејќи таква категорија не е предвидена во европските договори. Берлин дополнително стравува дека употребата на истиот термин би можела да предизвика забуна во процесот на пристапување на Украина во ЕУ, објави британскиот весник „Фајненшл тајмс“.
Предлогот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предизвика несогласувања меѓу земјите членки. Дел од нив предупредуваат дека ваквиот облик на поврзување нема јасна правна основа во основачките договори на Унијата и би можел да отвори низа политички и правни прашања.
Спорот се разгоре во пресрет на самитот ЕУ-Канада, што треба да се одржи на 29 и 30 октомври во Монтреал. На средбата се очекува Фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и канадскиот премиер Марк Карни да разговараат за продлабочување на соработката.
Иако меѓу европските престолнини постои согласност дека односите со Отава треба да се зајакнат, четирите земји се спротивставија на внесувањето на формулацијата за „придружно членство“ во заедничкиот документ. Поради несогласувањата, дипломатите мораа да продолжат со преговорите за да најдат прифатливо решение пред самитот.
Според „Фајненшл тајмс“, европските дипломати стравуваат дека воведувањето нова категорија партнерство би можело да предизвика забуна во односите на ЕУ со други држави, особено со земјите кандидатки за полноправно членство. Незадоволство предизвикал и фактот што Фон дер Лајен ја претставила иницијативата во септември, во Европскиот парламент, без претходни консултации со владите на земјите членки.
Најизразени резерви има Германија. Канцеларот Фридрих Мерц претходно се залагаше за можноста Украина да добие посебен институционален статус што би ѝ овозможил постепено да се вклучува во европските механизми пред завршувањето на преговорите за членство. Затоа, во Берлин сметаат дека употребата на истиот термин за Канада, која не бара полноправно членство, би можела да го замагли значењето на моделот што се разгледуваше за Украина.
Канадскиот премиер Марк Карни досега не најавил намера неговата земја да побара полноправно членство во ЕУ. Наместо тоа, Отава е заинтересирана за стратешко партнерство што би овозможило подлабока економска, безбедносна и политичка соработка, особено во одбраната, енергетиката, снабдувањето со критични минерални суровини и прашањата поврзани со Арктикот.
Карни го опиша посакуваниот однос како „сојуз на иднината“, нагласувајќи дека суштината на соработката е поважна од формалниот назив.
Во пресрет на самитот во Монтреал, европските дипломати работат на формулација што ќе овозможи приближување на Канада кон Унијата, без создавање нови правни недоумици или преседани што би можеле да влијаат врз политиката на проширување.