УАПСЕНИ ТРИ ЛИЦА ЗА УБИСТВАТА ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ Жртвите биле убиени, па ограбени
62-годишен маж и 76-годишна жена во рок од 5 дена се најдени мртви во нивните домови со траги на насилство. Полицијата спроведува истрага за двата случаја и уапси три лица поврзани со убиствата.
Министерството за внатрешни работи (МВР) уапси три лица за убиствата во Ѓорче Петров, објави Пресс24 повикувајќи се на неофицијални извори.
Како што наведува порталот, мотивите за убиствата најверојатно се пари, а жртвите прво биле убиени, па ограбени.
Вчераутро во Ѓорче Петров беше пронајдено безживотно тело на 76-годишна жена. Телото со видливи траги од насилство го пронашла нејзината ќерка која веднаш пријавила во полиција. Според соседите, жената три години живеела сама, а последен пат била видена завчера. Во текот на ноќта, пред да биде пронајдена мртва, соседите не забележале ништо невообичаено.
Ова е второ убиство во Ѓорче Петров во последните 5 дена. Минатата недела МВР информираше дека 62-годишен маж со траги на насилство е пронајден во сопствениот дом.