ЕВРОПА МОЖЕ ДА ОСТАНЕ БЕЗ СВОЈ ПЕНИЦИЛИН Кина веќе контролира 86 отсто од увозот

Последната целосно интегрирана европска фабрика за пеницилин, во австрискиот Кундл, се соочува со евтината кинеска конкуренција, високите трошоци за енергија и правилата за јавни набавки. „Sandoz“ бара антидампинг-истрага, предупредувајќи дека затворањето на погонот би ја направило Европа целосно зависна од Кина.

59

Во подножјето на австриските Алпи, последната целосно интегрирана фабрика за пеницилин во Европа се соочува со неизвесна иднина. Погонот на компанијата „Sandoz“ во Кундл е единствениот во Европа што го произведува овој клучен антибиотик од почеток до крај, вклучително и активните фармацевтски супстанции. Но, опстанокот на фабриката е доведен во прашање поради притисокот од драстично поевтината кинеска конкуренција.

Иако ниските цени им одговараат на европските здравствени системи, кои се обидуваат да ги намалат трошоците, тие претставуваат егзистенцијална закана за фабриката во која работат повеќе од 2.000 луѓе. Откако низа конкуренти веќе го затворија производството или го преселија во Кина, погонот во Кундл стана едно од главните жаришта на дебатата за стратешката самостојност на Европа.






Само три години по проширувањето на производствените капацитети, во кое беа вложени 200 милиони евра, од кои 50 милиони евра беа јавни средства, „Sandoz“ побара интервенција од Европската комисија. Компанијата поднесе жалба со барање да се отвори антидампинг-истрага против Кина. Во 2023 година, Европската комисија дополнително одобри 28,3 милиони евра за зголемување на капацитетот на фабриката за 20 отсто.

– Ако фабриката се затвори, Европа ќе стане „целосно зависна“ од Кина – предупреди директорката на погонот, Штефани Једнер.

Податоците на Евростат покажуваат дека уделот на Кина во увозот на пеницилин и неговите деривати во Европската Унија пораснал од 44 отсто во 2019 година на дури 86 отсто минатата година. Во исто време, европскиот извоз на овие лекови денес е едвај една петтина од нивото на кое бил на почетокот на 2000-тите.

Проценките покажуваат дека до 90 отсто од активните фармацевтски супстанции што се користат за производство на антибиотици денес се произведуваат надвор од Европа, главно во Кина, но и во Индија, каде што се користат кинески суровини.

Оваа зависност создава сериозен геополитички и безбедносен ризик. Во поднесок до британските законодавци, „Sandoz“ предупредил дека снабдувањето со антибиотици во услови на дипломатски тензии лесно би можело да се претвори во средство за економска принуда или хибридно војување.

Кинескиот економист Даокуи Ли уште за време на пандемијата навести дека активните фармацевтски супстанции би можеле да станат адут во трговските спорови. Во меѓувреме, неименуван американски претставник во Кина потврдил дека кинески соговорници го споменувале прекинот на извозот како можна мерка за одмазда.

Покрај ниските цени на кинеските суровини, кои, според наводите во текстот, на европскиот пазар се продаваат под производствената цена благодарение на субвенциите, „Sandoz“ се соочува и со неповолни услови во самата Европа.

Во 2025 година, цената на електричната енергија за енергетски интензивните индустрии во Европа во просек била речиси 50 отсто повисока отколку во Кина. Погонот во Кундл, кој „Sandoz“ го дели со компаниите „Novartis“ и „BASF“, троши електрична енергија колку и блискиот Инсбрук, град со повеќе од 130.000 жители.

Дополнителен проблем се правилата за јавни набавки во земјите од Европската Унија. Договорите се доделуваат исклучиво врз основа на најниската цена, наместо да се зема предвид и потребата од зачувување на разновидноста на синџирите на снабдување. Како резултат на тоа, цените на пеницилинот во Европа останале непроменети или дури се намалувале.

Европската комисија наскоро би можела да отвори антидампинг-истрага за увозот на амоксицилин. Извори запознаени со прашањето оценуваат дека воведувањето царини е извесно, имајќи го предвид заострениот курс на Брисел кон Пекинг.

Од кинеска страна, пак, тврдат дека субвенциите што ги доделува земјата се во согласност со правилата на Светската трговска организација. Пекинг ги обвинува другите за протекционизам и порачува дека несогласувањата можат да се решат преку дијалог.

Извршниот директор на „Sandoz“, Ричард Сејнор, укажува на апсурдноста на ситуацијата во која лековите што спасуваат животи чинат помалку од секојдневните слатки.

– Ме фрустрира тоа што едно пакување антибиотици го продаваме поевтино од пакување бонбони „Ricola“ во Швајцарија или чоколатце „Mars“ во Велика Британија. Многу работи ги земаме здраво за готово, и така продолжуваме сè додека еден ден едноставно не исчезнат – предупредува Сејнор.

Поврзани содржини