ПОЧИНА ТАТКОТО НА ТОНИ ЦЕТИНСКИ Мирко Цетински зад себе остави шест децении музичка кариера, 24 турнеи во Америка и песни што се паметат со генерации
По долгата и тешка болест, почина познатиот хрватски пејач Мирко Цетински, татко на Тони и Матео Цетински. Семејството одлучило последното испраќање да биде во тесен круг, далеку од очите на јавноста.
Мирко Цетински, едно од познатите имиња на музичката сцена во поранешна Југославија, почина на 15 октомври, по долга и тешка болест. Неговата кариера траеше околу шест децении, а публиката го памети по бројните настапи, препознатливиот глас и песните што останаа дел од забавната музика во регионот.
Роден е во Пула во 1948 година, а музичкиот пат го однел на сцени низ Европа и светот. Во текот на седумдесеттите години бил меѓу популарните пејачи во поранешна Југославија, а публиката го нарекувала и југословенскиот Хулио Иглесијас. Настапувал на фестивалите „Мелодии на Истра и Кварнер“ и на Загрепскиот фестивал, а меѓу неговите најпознати песни се „Моје лудо срце“, „Плачи, плачи, гитаро“, „Пођи са мном до Ровиња“ и „Купил сам ти прстенац“.
Неговата кариера не била ограничена само на поранешна Југославија. Цетински одржал дури 24 турнеи во Соединетите Американски Држави и четири турнеи во Австралија, настапувал стотици пати низ Европа, a имал и околу 400 настапи во Советскиот Сојуз. И покрај меѓународните патувања и успеси, Ровињ останал неговиот дом и град со кој бил силно поврзан.
Покрај музиката, оставил трага и во локалниот медиумски живот. Бил еден од основачите на Радио Ровињ, кое почнало да емитува програма на 14 февруари 1997 година. За придонесот кон музиката и локалната заедница, во 2023 година му била доделена Златната медалја на Градот Ровињ, признание што го посветил на својот роден град и сограѓаните.
Последното испраќање на Мирко Цетински ќе се одржи во кругот на најблиското семејство. Неговите најблиски побарале приватност во тешките моменти, а датумот и местото на комеморацијата ќе бидат објавени дополнително.