100.000 ДЕНАРИ ДЕВЕТМЕСЕЧЕН НАДОМЕСТ ЗА МАЈЧИНСТВО НА ЗЕМЈОДЕЛКИТЕ Се дава и поддршка за инвестиции на женските земјоделски стопанства

Со вкупно 29.971 земјоделски стопанства управуваат жени, беше соопштено на Меѓународниот ден на руралните жени.

53

Во земјава според Единствениот регистар на земјоделски стопанства на Министерството  за земјоделство функционираат 29.971 земјоделски стопанства на жена, од кои 3.918 се помлади од 40 години, информира министерот Борче Серафимовски.

Тој на одбележувањето на  15 октомври – Меѓународниот ден на руралните жени ја нагласи заложбата за поголемо учество на жените во управувањето со стопанствата и развојот на сопствени дејности, како и за надминување на стереотипот за земјоделството како „машка професија“.






Министерството, како што рече, има и две посебни мерки наменети за земјоделките.

-Сакам да информирам дека на 13 октомври е објавен повик за мерката 115, поддршка за активен женски член во земјоделското семејство, односно домаќинство од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2026 година. Предвидени се од 360.000 денари по корисник за опрема за преработка и доработка на примарни земјоделски производи за услуги за спроведување на  деловниот план. Според условите на повикот може да аплицираат регистрирани стопанства, чиј носител или член е жена. Рокот  за аплицирање е до 13 ноември – рече Серафимовски.

Покрај ова, додаде тој, се зајакнува и социјалната сигурност на жените земјоделки, а со ребалансот на буџетот се зголемени средствата за социјална сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност од еден милион на 2,5 милиони денари.

-Програмата предвидува вкупно 100.000 денари по корисничка за деветмесечен надомест за мајчинство за жените во статус на осигуреник индивидуален земјоделец кој ги исполнува условите. Барањата се поднесуваат до Агенцијата за финансиска поддршка најдоцна до 10 декември – рече Серафимовски.

Поврзани содржини