📽️ „ДОБРО СУМ“ НЕ  ЗНАЧИ СЕКОГАШ ДЕКА СÈ Е ВО РЕД По самоубиството на Ар Џеј Мити, Арон Пол објави видео во кое покојниот актер зборува за менталното здравје

Арон Пол објави видео од својот колега и пријател Ар Џеј Мити, во кое актерот зборува за важноста на менталното здравје и за потребата луѓето да не ги потиснуваат сопствените чувства. Снимката доби особено емотивно значење по самоубиството на актерот познат по улогата на Волтер Вајт Јуниор во серијата „Breaking Bad“.

94

Арон Пол сподели видео од својот колега од серијата „Breaking Bad“, Ар Џеј Мити, во кое актерот зборува за менталното здравје и за тоа колку е важно луѓето отворено да зборуваат за своите чувства.

– Многу е важно да се грижиме за физичкото здравје, но исто толку важно е да се грижиме и за менталното здравје – вели Мити во видеото.






Актерот објаснува дека луѓето често одговараат дека се добро, дури и кога тоа не е вистина.

– Но, дали навистина си добро? Не мора секогаш да бидеш добро. Она што не е добро е да ги задржуваш тие чувства и емоции во себе – порачува тој.

Пол ја сподели снимката со емотивна порака за својот колега и пријател.

– Ар Џеј отсекогаш си бил инспирација за многумина. Многу ми е жал што страдаше, пријателе. Посакувам да знаевме. Постојано имаше насмевка на лицето и со толкава самодоверба и достоинство се соочуваше со секој предизвик што ќе ти се најдеше на патот. Те запознав кога беше мало момче и те гледав како растеш во прекрасен млад човек. Каква огромна трагична загуба – напиша актерот.

Арон ја заврши објавата со порака до сите што се чувствуваат изгубено, тажно или несигурно во однос на иднината, повикувајќи ги да побараат помош.

– Мораме да ја задушиме вревата и да се фокусираме едни на други – порача тој.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Aaron Paul (@aaronpaul)

Почитта што ја оддаде ѕвездата, најпозната по улогата на Џеси Пинкмен, следуваше по потресната вест дека Ар Џеј Мити во понеделникот бил пронајден мртов во својот дом, по самоубиство, што го потврди неговиот портпарол.

Во своето последно интервју, Ар Џеј изјавил дека сака да „продолжи да го живее сонот“, но додал дека „секој сон може да стане кошмар… само продолжете да го живеете, продолжете да одите напред“.

Неговиот телевизиски татко, 70-годишниот Брајан Кренстон, изјави дека е во „длабок очај“ поради смртта на младиот актер, објавувајќи емотивна порака во негова чест.

– Го запознав кога имаше само 14 години, кога беше избран за улогата на Волтер Вајт Јуниор, која ја играше со толкава радост и ентузијазам.

– Роден со церебрална парализа, тој никогаш – ама баш никогаш – не дозволи тој предизвик да му биде изговор за што било. Со огромна решителност се соочуваше со напорниот распоред на снимање – рече Кренстон.

Актерот, исто како и ликот на Волтер Јуниор што го толкуваше, имаше церебрална парализа. Тој изјави дека неговото најголемо животно достигнување е тоа што им помага на другите.

– Тоа е навистина најголемото нешто што ми го овозможи „Breaking Bad“ – да можам да го користам својот глас за каузи што имаат значајно влијание и им го менуваат животот на луѓето.

– Мислам дека тоа е едно од најголемите нешта што ги имам, а не наградите. Не се сите оние работи за кои луѓето претпоставуваат дека доаѓаат со успехот. Станува збор за тоа буквално да можеш да влијаеш врз нечиј живот на значаен начин, живот врз кој без тоа влијание не би можел да оставиш таква трага – изјавил Мити.

Поврзани содржини