📽️ НА 52 ГОДИНИ ЧЕКА ТРЕТО ДЕТЕ Хилари Свонк ја објави бременоста на урнебесен начин, близнаците наскоро ќе добијат брат или сестра

Двократната оскаровка и нејзиниот сопруг Филип Шнајдер го очекуваат третото дете, а веста ја соопштија со необично семејно видео. Актерката, која во декември треба повторно да стане мајка, веќе има тригодишни близнаци.

88

Актерката Хилари Свонк (52) е бремена и со сопругот Филип Шнајдер го очекува своето трето дете. Радосната вест ја сподели на Инстаграм на духовит начин, со видео во кое целото семејство танцува во темница, облечено во костими со светлечки контури на човечки фигури.

Во видеото се појавуваат Свонк, нејзиниот сопруг и нивните тригодишни близнаци Аја и Ом. На крајот, актерката го открива најважниот детаљ – на нејзиниот стомак е прикажана мала светлечка фигура на бебе. Така, наместо со вообичаена фотографија од ултразвук или едноставна објава, таа ја најави новата принова на креативен и забавен начин.






– Многумина ме прашуваа на кој следен проект работам. Овој излегува во декември – напиша актерката покрај видеото, алудирајќи на очекуваното раѓање на бебето. Објавата предизвика воодушевување кај нејзините следбеници, кои ѝ упатија бројни честитки.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Hilary Swank (@hilaryswank)

Свонк и Шнајдер, кој работи како претприемач, се венчаа во 2018 година. Во април 2023 година ги добија близнаците Аја и Ом, а актерката тогаш имаше 48 години. Кога ја објави првата бременост, во октомври 2022 година, откри дека очекува не едно, туку две деца.

– Не беше лесно. Но, вредеше – напиша таа по раѓањето на близнаците, споделувајќи ја радоста од мајчинството. Во интервјуа зборувала и за тоа колку ѝ се променил животот откако станала мајка, нагласувајќи дека мајчинството ѝ донело нова перспектива и дека денес има повеќе трпение и разбирање.

Ѕвездата на филмовите „Момчињата не плачат“ и „Девојка од милион долари“ ретко го изложува семејниот живот во јавноста, па затоа нејзината необична објава беше дочекана со особено внимание.

Поврзани содржини