УКРАИНА ЌЕ ГИ ОБНОВИ НАПАДИТЕ ВРЗ РУСКИ РАФИНЕРИИ Зеленски вели дека „енергетското примирије“ не издржало

Според Зеленски, Москва продолжила со нападите врз Украина и во периодот кога украинските сили ја почитувале паузата.

85

Украина ќе ги продолжи нападите врз руските рафинерии, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „Фајненшл тајмс“.

– Забраната за напади врз рафинериите е укината. Завршивме со тоа – изјави Зеленски.






Тој рече дека Киев привремено ги запрел нападите врз руските рафинерии и другата енергетска инфраструктура по барање на Вашингтон, по најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за енергетско примирје меѓу Русија и Украина. Според Зеленски, Москва продолжила со нападите врз Украина и во периодот кога украинските сили ја почитувале паузата.

Во интервјуто, Зеленски откри дека украинските воени претставници добиле предупредување од американските колеги дека ќе го загубат пристапот до разузнавачките информации доколку продолжат со нападите врз руската енергетска инфраструктура.

– Ако не ги запрете нападите врз енергетските објекти, ќе го блокираме разузнавачкото споделување – му било порачано на Киев, според Зеленски.

Тој рече дека подоцна на Украина ѝ било објаснето дека проблемите се технички, но го отфрли тоа објаснување. Според него, украинските сили во тие денови не добивале рани предупредувања за руските балистички ракетни напади, додека сателитската комуникација преку „Старлинк“ била забавена низ земјата, што ги отежнало операциите на фронтот и нападите врз руски воени цели на среден дострел.

– Тоа не беше технички проблем, туку прашање на волја – рече Зеленски.

Американскиот претседател Трамп, меѓутоа, негираше дека САД го прекинале разузнавачкото споделување со Украина. Компанијата „Спејс екс“ управува со „Старлинк“, а нејзиниот сопственик Илон Маск изјави дека воената верзија на системот, „Старшилд“, е во сопственост и под контрола на американската влада, која одлучува за ограничувањата на брзината.

Зеленски ја критикуваше и подготвеноста на Вашингтон да склучува деловни договори со Москва, како и односот на Трамп кон рускиот претседател Владимир Путин. Во истиот контекст е и договорот за испорака на руски дизел, што американскиот претседател го најави во периодот на раст на цените на горивата.

На прашање дали Украина повторно би се согласила да ги запре нападите врз руската енергетска инфраструктура за да ги подобри односите со Белата куќа, Зеленски рече дека тоа би го прифатил само доколку Киев добие дополнителни американски противракетни системи „Патриот“. Тој ја опиша таквата воена помош како „минимумот“ што би го прифатил.

Поврзани содржини