ПОЗНАТ ТРЕНЕР ГИ РАЗБИ СОМНЕЖИТЕ ЗА СИНЕР Асот не паднал на нов допинг-тест, туку е само внимателен
Долгото отсуство на италијанскиот тенисер поттикна шпекулации за тајна суспензија. Американскиот тренер Рик Мачи категорично ги отфрли таквите тврдења и најави силно враќање во 2027 година.
Тенискиот ас Јаник Синер повторно се најде во центарот на допинг-шпекулации.
Шпекулациите се засилија откако Италијанецот објави дека нема да игра до крајот на сезоната, а британскиот тениски портал „Тенис 365“ пренесува дека за приказните за нов допинг-прекршок не постојат докази.
Познатиот американски тренер Рик Мачи ги отфрли гласините за наводна тајна суспензија, нагласувајќи дека причината за отсуството на Синер е повредата на коленото.
– Синер е шампион и еден од најдобрите натпреварувачи што ги видел овој спорт. Тој е повреден и, ако можеше да игра, ќе дадеше сè од себе. Приказните за паднат допинг-тест се целосно неосновани, бидејќи таква информација сигурно би излегла во јавноста. Нема тајна суспензија – порача Мачи.
Американскиот тренер ја поддржа и одлуката на Синер да не брза со враќањето на терените.
– Одлична и неопходна одлука на Синер и неговиот тим е да размислуваат долгорочно и да се вратат во 2027 година. Тој нема да носи избрзани одлуки додека повторно не може да се движи како Спајдермен – истакна Мачи.
Синер не одиграл натпревар од 12 јули, кога во финалето на Вимблдон го победи Александар Зверев.
Самиот Синер на 6 октомври соопшти дека, по консултација со лекарите, решил да ја заврши сезоната и да започне третман на повреденото десно колено.
– Во моментов морам да размислувам и за мојата долгорочна кариера. Ќе направам сè што е можно за да се вратам стопроцентно подготвен – изјави Италијанецот.
Шпекулациите за нов допинг-случај се поврзуваат и со претходната суспензија на Синер. Во 2024 година тој двапати беше позитивен на забранетата супстанција клостебол, а во 2025 година прифати тримесечна суспензија по договор со Светската антидопинг-агенција.
Тој тогаш тврдеше дека супстанцијата ненамерно влегла во неговиот организам преку третман од физиотерапевтот.