🎥 ХАКЕРСКИ НАПАД ВРЗ ПОВЕЌЕ ОД 300 СУПЕРМАРКЕТИ ВО ФРАНЦИЈА Фрижидерите почнале да греат, се расипа храна вредна десетици милиони евра!

Француските власти утврдиле дека нападот е поврзан со ранливост во софтверот на данската компанија Danfoss, чии системи се користат за управување со опремата за ладење. Истрагата продолжува, а засега не е познато кој стои зад нападот и кој бил мотивот.

169

Голем сајбер напад ги погоди системите за ладење во најмалку 300 француски супермаркети, при што хакери успеале далечински да ги променат поставките на фрижидерите и замрзнувачите. Во дел од продавниците температурата била зголемена и до 50 степени Целзиусови, поради што биле фрлени големи количини свежа и замрзната храна.

Нападот ги погодил продавниците на неколку големи француски трговски синџири, меѓу кои Intermarché, Carrefour, Monoprix и Coopérative U. Француското обвинителство потврдило дека освен материјалната штета, биле регистрирани и случаи на пожари.






Преземена контролата врз фрижидерите

Националната агенција за сајбер безбедност на Франција (ANSSI) започнала истрага, а случајот го испитува и одделот за сајбер криминал при париското обвинителство.

Нападот се случил во текот на ноќта меѓу недела и понеделник, кога напаѓачите успеале да преземат контрола врз поврзаните системи за управување со ладилната опрема.

Во околу 150 продавници на синџирот Les Mousquetaires, сопственик на Intermarché, фрижидерите биле загреани до 50 степени и таквата состојба траела околу шест часа.

Поради ризик од нарушување на безбедноста на храната, продавниците морале да фрлат големи количини месо, млечни производи, замрзната храна и други производи.

Carrefour потврдил дека нападот погодил околу 80 негови супермаркети, додека Monoprix соопштил дека биле погодени околу пет отсто од неговата мрежа од приближно 490 продавници. Нападот го потврдил и Coopérative U.

Штетата може да достигне десетици милиони евра

Точната вредност на штетата сè уште не е утврдена, но директорот на Intermarché, Тиери Котилар, проценил дека загубите само за еден ден во Франција би можеле да достигнат десетици милиони евра.

Покрај уништената храна, проблем за трговците може да претставуваат и осигурителните полиси, бидејќи некои од нив не покриваат ваков тип сајбер инциденти.

Нападот поврзан со слабост во софтвер на данска компанија

Француските власти утврдиле дека нападот е поврзан со ранливост во софтверот на данската компанија Danfoss, чии системи се користат за управување со опремата за ладење.

Од компанијата потврдиле дека биле погодени уреди со застарен софтвер и посочиле дека корисниците подолго време биле предупредувани редовно да го ажурираат софтверот.

Сајбер компанијата Claroty претходно објавила анализа за безбедносни пропусти кај дел од контролерите на Danfoss, кои потенцијално овозможувале заобиколување на заштитата и извршување злонамерен код.

Фрижидерите стануваат нова цел за хакерите

Опремата која порано функционираше изолирано – како фрижидери, клима-уреди и индустриски системи – сè почесто е поврзана на интернет за полесно следење и одржување.

Иако тоа носи поголема ефикасност, истовремено создава можност сајбер нападите да предизвикаат физичка штета, а не само кражба на податоци или прекин на работата на компјутерските системи.

Француските власти проверуваат дали исти ранливи системи се користат и во други европски земји. Според експерти, слични инциденти биле забележани и во Шпанија, Португалија, Полска, Германија и Белгија.

Истрагата продолжува, а засега не е познато кој стои зад нападот и кој бил мотивот.

Поврзани содржини