ВТОР НАПАД СО ДРОНОВИ ВО ВОДИТЕ КАЈ БУГАРИЈА Потона брод, Радев бара разговор со Руте

Два трговски брода биле погодени во Црното Море, а петмина морнари добиле медицинска помош. Бугарскиот премиер признава дека нема докази кој стои зад нападот, но најавува дипломатска реакција кон Москва.

143

Нов напад со беспилотни летала врз два трговски брода во Црното Море, во близина на бугарскиот брег, предизвика остра реакција на бугарскиот премиер Румен Радев. Еден од бродовите потонал, а повеќе морнари биле спасени.

Радев најави разговор со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и повикување на рускиот амбасадор, иако засега нема докази кој ги испратил дроновите.






Ова е втор сериозен напад врз цивилни бродови во бугарската зона на Црното Море за една недела. Во претходниот инцидент потона товарен брод, а десет морнари исчезнаа.

Новиот напад се случил околу 1:30 часот по полноќ, кога бродот „Челзи 3“ (Chelsea 3), во сопственост на украинска компанија, бил погоден со три беспилотни летала.

Бродот пловел под знамето на Малта, а во моментот на нападот се наоѓал на околу 18 наутички милји, односно 33 километри од бугарскиот брег.

На него имало 15 членови на екипажот, седум Украинци и осум Азербејџанци. Сите биле спасени, а петмина добиле медицинска помош. Ниту еден од морнарите не бил сериозно повреден.

Вториот нападнат брод, „Азов Конкорд“ (Azov Concord), немал таква среќа.

Бугарските власти потврдиле дека бродот потонал на околу 17 наутички милји источно од Крапец, населено место на северниот дел од бугарското крајбрежје.

Според првичните информации, спасен е еден член на екипажот. Засега нема целосни податоци за бројот на луѓето што биле на бродот.

 

Радев најавува дипломатска реакција

– Ова е целосно неприфатливо – уште еден напад во близина на бугарските територијални води – изјави бугарскиот премиер Румен Радев во телевизиско обраќање.

Радев нагласи дека бугарските власти сè уште немаат јасни докази за потеклото на дроновите, но во контекст на нападот ја спомена Русија.

Тој најави дека ќе го повика рускиот амбасадор во Софија, Елеонора Митрофанова, на разговор за инцидентите во Црното Море.

Бугарскиот премиер планира да разговара и со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за безбедносните ризици и можниот одговор на Алијансата.

За новите напади се известени и постојаните претставници на Бугарија во НАТО и Европската Унија.

Бугарија нема заедничка копнена граница со Русија или Украина, но нејзиниот брег на Црното Море има важно стратешко значење за Алијансата.

 

Пред една недела исчезнаа 10 морнари

Серијата напади започна на 5 и 6 октомври, кога два трговски брода беа погодени во бугарската ексклузивна економска зона, на околу 130 километри источно од Бјала.

Тогаш потона „Алфа Ватан“, брод под знамето на Того, а неговите десет членови на екипажот беа прогласени за исчезнати. Бугарските спасувачи подоцна ја прекинаа потрагата, откако пронајдоа само чамец, три празни сплавови и делови од бродската опрема.

Вториот брод, „Абле“, под знамето на Палау, беше погоден и на него избувна пожар. Сите 18 морнари беа спасени, но двајца беа потешко повредени.

Бугарските власти тогаш соопштија дека нападот бил извршен со комбинација од поморски и воздушни дронови, но не утврдија кој стои зад него.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија, тврдејќи дека украинската морнарица добила информации за руски дронови. Софија, меѓутоа, не ја потврди таа верзија.

Претходните напади се случија во бугарската ексклузивна економска зона, а не во територијалните води на земјата, кои се протегаат до 12 наутички милји од брегот.

📽️ БУГАРИЈА ВЕЌЕ НЕ ТРАГА ПО ЕКИПАЖОТ НА ПОТОНАТИОТ БРОД Софија не знае кој нападнал, Зеленски ја обвинува Русија

Поврзани содржини