„ХРВАТСКИ АВТОПАТИШТА“ ЌЕ ПОСТАВУВА ЗАМКИ ВО ИНБОКСОТ ЗА 2.800 ВРАБОТЕНИ Кој ќе наседне, ќе добие обука
Компанијата ќе проверува кој отвора сомнителни линкови и кој остава податоци. За вработените на кои им треба помош е предвидена дополнителна обука.
„Хрватски автопатишта“ (ХАЦ) ќе им испраќа лажни мејлови на своите вработени за да ги научи да препознаваат интернет-измами. Планирани се најмалку 10 пробни кампањи во текот на една година, со кои ќе бидат опфатени најмалку 2.800 вработени, објави „Индекс“, повикувајќи се на Хина.
Станува збор за симулации на фишинг — пораки во кои измамниците лажно се претставуваат за да дојдат до лозинки, други податоци или пари. Системот ќе бележи кој ја отворил пораката, кој кликнал на линкот и кој внел податоци на лажната страница. Ќе се следи и кој ја препознал пораката како сомнителна и ја пријавил.
Според тендерската документација, вработените по потреба ќе добиваат дополнителна обука, со проверка на знаењето на хрватски јазик.
Компанијата денеска ги отвори 8-те понуди за услугата. Проценетата вредност е 25.000 евра без ДДВ, додека понудените цени се движат од 14.400 до 28.000 евра.
Покрај тестовите, избраниот изведувач ќе проверува дали службените мејл-адреси се појавиле меѓу податоци што протекле на интернет. Ќе открива и интернет-адреси слични на оние на ХАЦ, кои би можеле да послужат за лажно претставување.
Договорот ќе трае 12 месеци. Системот треба да почне да работи во рок од 30 дена од почетокот на неговото спроведување.