ПЛАНОТ НА ТРАМП ЗА „ЕНЕРГЕТСКО ПРИМИРЈЕ“ И УВОЗ НА РУСКИ ДИЗЕЛ НАИДУВА НА ОТПОР „Попуштањето на Москва нема да ја реши енергетската криза“
Критики дојдоа од шестмина конгресмени од двете ривалски партии во САД, како и од францускиот претседател Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Обидот на американскиот претседател Доналд Трамп да ја ублажи енергетската криза преку договор со Русија за зголемување на рускиот извоз на дизел, и да ги запре нападите врз енергетската инфраструктура во Украина, наидува на критики и во Вашингтон и меѓу европските сојузници.
Додека Белата куќа го претставува увозот на руски дизел како начин за намалување на цените на горивата на светскиот пазар, европските лидери предупредуваат дека Москва продолжува со воените напади, а американски сенатори отвораат прашања за законитоста на договорот и за неговата корист за Русија.
Трамп на 9 октомври објави дека постигнал договор со рускиот претседател Владимир Путин за испорака на дизел од Русија, со образложение дека дополнителните количества ќе помогнат во намалувањето на високите цени на горивата во САД. Неколку дена подоцна, тој соопшти дека Русија и Украина се согласиле веднаш да стапат во енергетско примирје, односно да ги запрат нападите врз енергетската инфраструктура.
Американската иницијатива доаѓа во време на силен притисок врз енергетските пазари, а Вашингтон претходно побара од Киев да ги запре нападите врз руските рафинерии, кои влијаат врз производството и снабдувањето со гориво. Украина, пак, инсистира дека евентуалното примирје мора да биде заемно и дека Русија треба да престане со нападите врз украинските енергетски објекти.
По најавата на Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека руските сили продолжиле да напаѓаат енергетски објекти. Москва, исто така, не ги потврди јасно условите на најавеното примирје, па остана нејасно како точно треба да се спроведува договорот.
Макрон и Мерц: Не смееме да попуштаме пред Русија
Францускиот претседател Емануел Макрон реагираше со предупредување дека западните сојузници не смеат да попуштаат пред Русија. Тој оцени дека нема фактички причини за промена на досегашниот пристап кон војната, бидејќи руските напади врз украинската енергетска инфраструктура продолжуваат.
– Да, за барањето прекин на огнот кога станува збор за енергетиката, но не и за попуштање пред руската закана – изјави Макрон при посетата на Автомобилскиот саем во Париз. Тој најави и разговор со Трамп.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, пак, оцени дека Москва ќе преговара сериозно за завршување на војната само ако биде изложена на силен притисок. Тој ја потврди поддршката на Германија и Европа за Зеленски, потсетувајќи дека Трамп уште на почетокот на вториот претседателски мандат ветуваше брз крај на конфликтот.
– За жал, конфликтот во Украина не е завршен, иако тоа беше целта што претседателот Трамп си ја постави уште на почетокот на својот втор мандат – да ја заврши војната за неколку дена – изјави Мерц.
Германскиот канцелар соопшти и дека советници за надворешна политика на лидерите на Велика Британија, Франција и Германија во текот на викендот престојувале во САД, каде што со американската администрација разговарале за заеднички пристап кон завршувањето на војната.
Републиканци и демократи заедно против планот на Трамп
Критики за потегот на Трамп стигнаа и од американскиот Конгрес. Шест сенатори од Републиканската и Демократската партија побараа администрацијата веднаш да се откаже од планот за увоз на неколку милиони тони руски дизел, оценувајќи дека тој е во спротивност со американскиот закон од 2022 година, со кој беше забранет увозот на руски енергенси поради инвазијата врз Украина.
Сенаторите ја критикуваа Белата куќа и затоа што не се консултирала со Конгресот и не доставила законски задолжително образложение за одлуката.
– Конгресот јасно стави до знаење дека САД не треба да увезуваат нафта од Русија сè додека таа не ја прекине агресијата против Украина и заканите кон нашите сојузници во НАТО – се наведува во заедничкото соопштение.
Меѓу потписниците се републиканците Сузан Колинс, Лиза Мурковски, Том Тилис и Џон Кертис, како и демократските сенатори Џин Шахин и Ричард Блументал. Сенаторот Тилис ја доведе во прашање законитоста на планот, додека дел од републиканците го бранеа како обид за намалување на енергетските трошоци и како можен инструмент за притисок врз Путин.
Сомнежи има и околу економскиот ефект од договорот. Енергетски експерти оценуваат дека најавените количества се помали од дневната потрошувачка на дизел во САД и веројатно нема значително да ги намалат цените на пумпите. Истовремено, испораките би ѝ донеле приходи на Русија, во момент кога западните санкции се насочени кон ограничување на парите со кои Москва ја финансира војната.