„ЕНЕРГЕТСКОТО ПРИМИРЈЕ“ БРЗО СЕ ИЗМОРИ Украина ја обвинува Русија дека го прекршува
Минатата ноќ руските рафинерии за нафта не беа во пламен, но на полноќ руски дрон „Шахед“ со млазен погон погоди објект за производство на гас во Украина – рече Зеленски.
Украина ја обвини Русија дека воопшто не го почитува договорот за енергетско примирје во замена за ослободување на руските резерви на дизел гориво на светскиот пазар кој го објави американскиот претседател Доналд Трамп.
Овој унилатерен договор, според кој Москва ќе испорача стотици илјади тони дизел гориво во наредниот период, во замена за привремено ублажување на санкциите и значителни економски отстапки од САД, наиде на остри критики од европските министри за надворешни работи.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека набргу откако Трамп го објавил договорот на своите профили на социјалните мрежи, Русија продолжила со нападите на енергетските капацитети на неговата земја.
– Минатата ноќ руските рафинерии за нафта не беа во пламен, но на полноќ руски дрон „Шахед“ со млазен погон погоди објект за производство на гас во Украина. Имаше и руски напад врз обична бензинска пумпа со неколку дронови, а екипите за поправки сè уште работат на санирање на штетите од вчерашните напади. Значи, имаше руски прекршувања на енергетското примирје што го најави претседателот Трамп – рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, во име на ЕУ ја поздрави можноста за енергетско примирје, но и додаде дека не гледа знаци дека Русија планира да го почитува.