ТАЖЕН ДЕН ЗА КИЕВ, ОСТАНУВА БЕЗ ПОМОШТА ОД САД? Трамп се закани со прекин на разузнавачките информации и снабдувањето со оружје

Заканите доаѓаат во момент кога претседателот Доналд Трамп е крајно незадоволен од украинскиот претседател Володимир Зеленски поради нападите врз руските рафинерии.

91

Администрацијата на Доналд Трамп ги предупреди Украина и нејзините европски сојузници дека САД би можеле да ја прекинат размената на разузнавачки податоци и европската набавка на американско оружје за Украина. Условот е Киев да престане со нападите со долг дострел врз руските енергетски капацитети.

Оваа информација за Си-Ен-Ен (CNN) ја потврдија двајца европски функционери.






За време на викендот, Стејт департментот и Пентагон упатија предупредувања до украинските и европските функционери, а американската војска директно стапи во контакт со командантите во Украина.

Друг извор запознаен со ситуацијата потврди дека САД се заканиле оти ќе ја прекинат размената на разузнавачки податоци.

„Фајненшл тајмс“ (Financial Times) прв објави за заканите за прекин на соработката и набавката на оружје.

– Му се јавуваат на Киев… Им се јавуваат на сите во Европа – изјави еден од функционерите кои примиле повик од Министерството за одбрана на САД.

Заканите доаѓаат во момент кога претседателот Доналд Трамп е крајно незадоволен од украинскиот претседател Володимир Зеленски поради нападите врз руските рафинерии.

Трамп долго време смета дека војната меѓу Украина и Русија е одговорна за растот на цените на дизелот на светскиот пазар и бара од двете страни да ги прекинат нападите врз енергетските капацитети.

Претходно во неделата, Трамп објави дека Русија и Украина се договориле за она што тој го нарече „енергетско примирје“.

Извор близок до Зеленски тврди дека таквиот развој на настаните бил изненадување.

„Украина го поддржува прекинот на огнот и важно е и Русија да го поддржи. Ги очекуваме деталите од американска страна“, напиша Зеленски на мрежата „Икс“ (X) по објавата на Трамп.

Европски функционер изјави за Си-Ен-Ен дека размената на разузнавачки податоци и набавката на оружје се „клучни“ за Украина. Тој ја опиша заканата како „тажен ден“ за Киев и неговите сојузници. Доколку заканите на САД се остварат, последиците за украинската одбрана би биле моментални.

Американските разузнавачки податоци се клучни за одбраната на Украина од руските балистички ракети бидејќи ги откриваат локациите на лансерите, како и целите и времето на нападите. Од друга страна, прекинот на набавката на оружје, која се спроведува преку механизмот PURL (Листа на приоритетни барања на Украина), најтешко би ги погодил испораките на пресретнувачки ракети за системот „Патриот“.

На Украина и онака критично ѝ недостигаат тие ракети, особено сега кога Русија ги засили ракетните напади и нападите со беспилотни летала низ целата земја.

Поврзани содржини