„ПОДГОТВЕТЕ СЕ ЗА ВОЈНА“ Околу 100.000 британски ветерани добија писма од министерството за одбрана
Писмата се испратени до припадници на сите три гранки на британските вооружени сили, а се потпишани од нивните команданти. Од резервистите се бара и да ги ажурираат своите контакт податоци и да наведат што моментално работат и какви вештини поседуваат.
Британското Министерство за одбрана им порача на воените резервисти да се подготват за евентуален повик за војна, пишува британски Телеграф.
Според весникот, за прв пат од Студената војна, се испратени писма на адресите на околу 100.000 стратешки резервисти, на кои им се нуди можност доброволно да учествуваат во обуки и воени вежби, како што е големата вежба на НАТО „Stedfast Defender“ следната пролет.
Писмата се испратени до припадници на сите три гранки на британските вооружени сили, а се потпишани од нивните команданти. Од резервистите се бара и да ги ажурираат своите контакт податоци и да наведат што моментално работат и какви вештини поседуваат.
Овој потег доаѓа во време на зголемени закани од Русија, додека Владимир Путин ја тестира решителноста на НАТО. Минатата недела, Русија испали крстосувачки ракети и беспилотно летало во источна Полска, на само 100 километри од воена вежба предводена од Велика Британија, на истиот ден кога британскиот министер за одбрана Вес Стритинг и началникот на воздухопловството ги посетија војниците таму.
Во средата беше објавено и дека Кралските воздухопловни сили (RAF) ги преместуваат авионите во хангари и планираат да инсталираат заштитни мрежи, за да ги заштитат британските бази од напади со дронови.
Министерот за одбрана Вес Стритинг претходно предупреди дека Велика Британија мора да биде подготвена за војна во рок од 1.000 денови и дека мора да биде „подготвена да се бори и да победи“ со своите партнери. Во разговор за Скај њуз во четвртокот наутро, Стритинг рече дека Велика Британија работи во услови на „засилена закана“ и дека повикувањето резервисти е „разумна и неопходна мерка на претпазливост“.
„Телеграф“ дознава дека владата сака да обезбеди поголеми нивоа на отпорност, бидејќи Велика Британија го сфаќа посериозно Член 3 на НАТО, кој бара од земјите-членки да „ги одржуваат и да развиваат своите индивидуални и колективни способности за спротивставување на вооружен напад“. Копнените сили на Велика Британија во моментов се најмали од Наполеоновите војни, со околу 73.000 активни војници.
Министерството за одбрана соопшти дека писмата се испратени до ветераните како „практичен чекор за зајакнување на подготвеноста и одвраќањето, со што се намалува ризикот од конфликт“. Повиците се упатени до стратешките резервисти или ветерани кои неодамна ја напуштиле војската и се законски обврзани да се вратат во служба во исклучителни околности, за разлика од обичните граѓани кои доброволно се пријавуваат да се приклучат на резервистите.
Воен извор рекол дека писмата се испратени за да се подобрат податоците за поранешниот воен персонал.
– Тоа што некогаш сте возеле тенк во армијата не значи дека вашите цивилни вештини денес не се сосема различни и всушност, покорисни за одбраната – објаснил изворот.
Тој додал дека никој не сугерира дека резервистите одеднаш ќе бидат мобилизирани, но нагласил дека „би било лудо да немате база на податоци и директен пристап до овие луѓе“.
– Ако некогаш ви затребаат, многу работи се прилично ‘рѓосани. Првиот чекор е да откриете кои се овие луѓе, каде се и какви се нивните вештини – рекол тој.
„Телеграф“ претходно откри дека Лорд Сандерс, кога бил началник на Генералштабот ѝ рекол на владата дека во случај на војна со Русија ќе мора да „ја мобилизира целата нација“, бидејќи британската армија е премногу мала. Стратешкиот одбранбен преглед на владата од минатата година, исто така, нагласи дека секој дел од општеството мора да има улога во одбраната на земјата и препорача повторно поврзување со стратешките резерви, за да се искористи нивното знаење и искуство доколку е потребно.
Владата, исто така, отвори нов дел на својата веб-страница каде што граѓаните можат да дознаат повеќе за Стратешката резерва и што таа значи за нив, нивните семејства и нивните работодавци.
Министерот за ветерани, Калвин Бејли, рече дека силата на земјата не лежи само во оружјето и опремата, туку и во луѓето и дека секој член на Стратешката резерва е дел од таа сила.
– Иако повеќето стратешки резервисти никогаш нема да бидат вратени во служба, тие се дел од одвраќањето на нашата земја и помагаат во спречувањето на конфликти секој ден. Овие писма не значат дека Резервата ќе биде мобилизирана. Тие едноставно водат евиденција за да знаеме како да контактираме со оние кои се подобни и да ги следиме нивните вештини и искуство – рече Бејли.
По рускиот ракетен напад врз Полска минатата недела полскиот премиер Доналд Туск оцени дека Русија ја таргетирала областа како „намерна провокација“ насочена против Велика Британија, Полска и земјите од НАТО.
Британскиот премиер Енди Бернам го нарече инцидентот „тотално неприфатлив“, го осуди безрезервно и вети дека Велика Британија ќе ја поддржи Полска „на секој можен начин“.
ДВЕ РУСКИ РАКЕТИ И ДРОН ЕКСПЛОДИРАА ВО ПОЛСКА Министерот за одбрана обвини дека тоа не е случајно